Вести Македонија Најважни

Понудите за брзата пруга се доверливи, порача Мицкоски – за утре најави редовна и затворена седница на владата

Сите понуди се доверливи и така ќе ги третираме додека не се избере најповолната и додека не се декласифицира за да можеме да ја соопштиме во јавноста. Граѓаните да бидат мирни и спокојни, сигурно нема да класифицираме и склучуваме договори како во минатото кога се носеа на шверцерски начин со злоупотреба на европското знаме. Она што ние ќе го прифатиме ќе биде најдобро, јас сум оптимист дека така и ќе биде, ние работиме исклучиво и само во интерес на граѓаните, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски во одговор на новинарско прашање за меѓународните банки и финансиски институции кои се пријавија да ја финансиираат брзата пруга од Коридорот 10.

Мицкоски рече дека не може да каже која камата ја понудиле банките и финансиските институции.

„Не можам да ви кажам зашто понудите се доверливи. Не би зборувал и за бројка додека не поминат на владина седница. Интересот е голем. Утре, покрај редовната ќе имаме и затворена владина седница. Очекувам информација од Министерството за финансии и да се предложи меѓусекторска работна група што ќе ги анализира пристигнатите понуди. Прв услов е да видиме дали сите тие понуди ја понудиле сумата што ја бараме. Тоа ќе биде првиот катализатор, а дури потоа ќе влеземе во нивна длабинска анализа, па дури потоа можеме да зборуваме за повеќе детали“, објасни премиерот.

Во однос на американските царини, Мицкоски информира дека ако САД и ЕУ не успеат да се усогласат околу тарифите, тоа ќе има влијание и на нас. Сепак, тој е сигурен, како што напомена, дека со јасна и концизна политика ќе успееме да го одржиме макроекономскиот баланс и стабилност и граѓаните тоа да не го почувствуваат.

„Во процес на преговори сме со САД. Оптимист сум дека се движат во правилна насока. Очекувам во текот на оваа недела да имаме генерално развој на настаните во позитивна насока и фокусирани сме до крајот на овој месец да постигнеме договор што ќе значи повеќе за македонската економија и македонските граѓани“, информира претседателот на Владата.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Опозицијата бара извинување од Стоилковиќ за навреди и пцости кон пратениците Трајчулевски и Битиќи – тензии во парламентот

Дејан Дејан

Остра реакција од Сојузот на борци за разобличување на предлогот на ДУИ

Дејан Дејан

(видео)Филипче: Никој не му се плаши на Мицкоски, заканите и навредите се доказ за неговата слабост

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе