Вести Македонија Најважни

Безбедна, поконкурентна и зелена Европа меѓу приоритетите на Данското претседателство

Безбедна, поконкурентна и зелена Европа, проширувањето и амбициозните климатски цели се главните приоритети на данското претседателство со Советот на Европската Унија. Данската амбасадорка рече дека, е неизвесно што ќе донесат следните шест месеци поради геополитичките поместувања кои предизвикуваат несигурност, но дека нејзината земја го сменила ставот за проширувањето.

„Пред неколку месеци имаше умор и нашата земја беше меѓу тие што не веруваа во проширувањето. Сега тоа се промени, дојде време да се здружиме и да продолжиме со проширувањето како еден од главните приоритети на данското претседателство. Најважната порака што ја имам за вас, е дека можноста за проширување е поголема сега од било кога. Знаете што треба да се направи, а ние сме тука да ви помогнеме. Ги знаеме предизвиците, не може ништо да се гарантира, но подобро е да работиме заедно, откако да се биде оставен на страна. Се надевам дека оваа убава земја ќе стане земја-членка во следното проширување“ рече Перниле Деилер Кардел, амбасадорка на Кралството Данска во земјава, со седиште во Белград.

Министерот за Европски прашања рече дека условувањата што излегуваат од европското правно наследство, непринципиелните вета и билатералните прашања се системски удар врз ЕУ, која треба да докаже дека нејзините отворени врати не се симболични, туку реални. Го поздрави слоганот на данското претседателство, „Силна Европа во светот што се менува“, како порака што ја надминува реториката и го отсликува вистинскиот дух на моментот во кој се наоѓаме.

„Копенгхашките критериуми мора повторно да бидат мерилото според кое се мери напредокот, не билатералните условувања, туку институционалните капацитети, владеењето на правото, човековите права и демократскиот легитимитет. Данска ја разбира оваа реалност, не само како техничка задача, туку и како политичка обврска, затоа, за нас е добра вест амбицијата на Данска да ја подготви Унијата за проширувањето преку внатрешни реформи“ рече Орхан Муртезани, министер за Европски прашања.

За приоритетот „зелена Европа“ претседателот на Националниот совет за евроинтеграции потсети дека во Преспанскиот договор има и дел во кој се зборува за потенцијално партнерство со Грција во делот на обновливи извори и ЕУ треба да го вгради во својата стратегија со цел Европа да стане понезависна од руските енергенси. За „безбедна Европа“, ја поздрави одлуката да се зајакне сопствената безбедност и воената индустрија и рече дека се надева дека и Македонија ќе го најде своето место во остварувањето на дел од овие приоритети. Рече и дека, Македонија не смее да стане жртва на странски дестабилизирачки операции.

„Сметам дека и проширувањето, на кое тие ќе стават посебен акцент, што е за поздравување, посебно со земјите од Западен Балкан, покрај Молдавија и Украина, сега се зема во контекст на заедничката безбедносна политика на Европската унија“ потенцираше Венко Филипче, претседател на Национален совет за евроинтеграции.

Претседателот на Комисијата за европски прашања, пак, рече дека едногласното одлучување е голем недостаток на ЕУ.

„Ние и од Хавиер Солана, пред 20 години слушнавме дека „моментот е сега“. Потоа слушнавме и од Романо Проди пред 15 години дека „моментот е сега“. Потоа и од канцеларката Меркел и од Тереза Меј пред 8 години. И денес истото го слушаме, но навистина не сме сигурни дека Европската унија има капацитет овој момент сега да го преточи во еден календарна извесност дека земјите кандидати ќе станат членки за три, пет или осум години ќе станат земји членки, без да бидат попречувани на теми кои немаат допирни точки со Копенгхашките критериуми“ рече Антонио Милошоски, претседател на Комисија за европски прашања.

Данска ќе претседава со Советот на Европската Унија до декември годинава. Соочена со нов меѓународен поредок обележан со неизвесност, глобална стратешка и економска конкуренција и зголемени нивоа на конфликти, меѓу нејзините главни цели е и зајакнување на способноста на ЕУ да делува самостојно, на солидна економска основа, со стабилни демократии и социјално балансирани општества.

Далиборка Демјанска Цветановска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Опозицијата бара извинување од Стоилковиќ за навреди и пцости кон пратениците Трајчулевски и Битиќи – тензии во парламентот

Дејан Дејан

Остра реакција од Сојузот на борци за разобличување на предлогот на ДУИ

Дејан Дејан

(видео)Филипче: Никој не му се плаши на Мицкоски, заканите и навредите се доказ за неговата слабост

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе