Пожарите ја земаа првата жртва. Во штала во близина на железничката станица „Ѓорче Петров“ која изгорела во пожар е пронајдено тело на човек, потврдија од МВР. Според официјалните информации на полицијата, вчера околу 18 часот стигнала пријавата дека почнала да гори сува трева крај пругата и во близина на мостот на реката Лепенец, а огнот брзо се проширил ја зафатил шталата. Пожарникарите набргу пристигнале на инаку тешко достапниот терен крај пругите и го изгаснала пожарот, но за жал за сопственикот на шталата веќе било доцна.
Во моментов во државата има неколку активни пожари од кои само оној кај Блаце претставува сериозна опасност. Директорот за ДЗС, Стојанче Ангелов смета дека состојбата засега не е алармантна, но временските услови одат во прилог на пожарите и затоа побара од граѓаните максимална претпазливост. Човечки фактор, односно отпушок од цигара најверојатно е причината за пожарот кој веќе втор ден се гаси од земја и од воздух.
„Пожарот е започнат од она што може да го видам, а веќе пета година ги гледам овие работи за жал, покрај самиот магистрален пат кон граничниот премин Блаце. Најверојатно е од отпушок од цигара или намерно палење, не можам да ја исклучам и таа можност. Се движеше нагоре кон планината. Уште од старт знаевме дека ќе имаме тежок пожар бидејќи е екстремно тежок, стрмен и непристапен терен. Во овој момент тврдам дека нема опасност по околните населени места ниту по објекти“, информира Стојанче Ангелов, директор на ДЗС.
Од МВР соопштија дека дејствуваат со два хеликоптера кои веќе направиле 55 налети и исфрлиле над 70 тони вода, а користени биле и новите адаптирани возила кои беа промовирани викендов.
Обука па селекција, надоместок од 24.000 денари, па можност за трајно вработување. Во територијалните противпожарни единици на 12 општини низ државата се отвораат 400 работни места. Општините неделава ќе ги распишат огласите, кандидатите кои ќе се пријават ќе минат брза обука за борба против пожари и ракување со опрема пред да биде извршена селекцијата.
„Сакам да потенцирам дека секој ангажиран учесник ќе добива месечна финансиска поддршка од 24 илјади денари. Сите оние кои ќе покажат особен интерес, посветеност и висока подготвеност по завршување на оваа мерка ќе бидат трајно ангажирани преку нивно вработување во институциите кои се надлежни“, изјави Марија Митева, портпаролка на владата.
Според податоците на ЗЕЛС, општините во Македонија имаат на располагање 700 до 800 пожарникари и тоа е двојно помалку од законскиот минимум, односно еден пожарникар на 1.500 жители односно 1.500 пожарникари во државата.
Огнен Чанчаревиќ
