Сопственикот на „Пулс“ Дејан Јованов, неговиот брат и синот; тројца градоначалници на Кочани, Папазов Илијев и Димитровски; тројца општински градежни инспектори; управителот на Агенцијата за обезбедување „Рубикон“ и 4 обезбедувачи; 4 директори на ДЗС, Салиу Џаферовски Максути и Селами; двајца поранешни министри за економија Бектеши и Сарачини; екс државната секретарка Чекиќ-Дуровиќ; 5 вработени во министерството и 4 локални пазарни инспектори – ова се поголем дел од 34-цата обвинети за Тешки дела против општата сигурност за кои кочанското обвинителство поднесува обвинение за пожарот во Пулс, во кој животот го загубија 62 млади луѓе а над 200 беа повредени
13-мина кои беа опфатени во истрагата не се дел од обвинението. Еден е починат, членот на ДНК Владимир Блажевски се уште е на лекување а за 11 мина истрагата се запира затоа што засега нема доволно докази за обвинение. Меѓу нив се и поранешните двајца директори на ДПИ Трајковски и Симеска-Димоска.
Според информациите на Телма истрагата запира и за поранешни министри за економија Дритон Кучи и Беким Незири.
Истрагата потврдила бројни прекршувања на прописите низ годините во безбедносно опасниот објект кој незаконски работел како кабаре, кажа Коцевски во присуство на обвинителите кои рбаотеа на истрагата
„Сите дејствија, и на извршување и на свесно пропуштање на правна обврска се нераскинливи и се надоврзувале едно на друго директно кон последицата, и свесното игнорирање на безбедносните процедури од многу поединци и институции придонеле за исклучително тешките последици и неможноста да се спречи трагедијата и на време да се спасат 62 млади животи. Секоја од овие алки имала моќ и законски надлежности да ја спречи трагедијата или да го намали потенцијалот на истата во однос на загубата на животи, но никој тоа не го направил“ – изјави државниот обвинител, Љупчо Коцевски.
Пиротехниката била набавена нелегално, но оние од кои била купена не се дел од обвинението потврди државниот обвинител на новинарските прашања. Според обвинението, фонтаните исфрлале искри кон плафонот, над сцената се запалил полиуретанскиот сунгер со кој бил обложен плафонот и пожарот се проширил низ целиот објект.
Присутните почнале масовно и панично да бегаат преку единствениот излез за евакуација -двокрилна врата која не била безбедна рече Коцевски
„Самата надворешна врата немала евакуациона намена со систем за кочење во отворена положба и хоризонтален ракофат со пропишани димензии и заради што дополнително била отежната евакуацијата. Поради целосното непочитување на безбедносните правила за заштита од пожар, преполнетоста на објектот со постители, настанало масовно туркање и паѓање на посетителите во ходникот со што напуштањето на објектот било целосно попречено и биле предизвикани тешките последици“ – рече Коцевски.
Дали вратата била намерно држена затворена, поради полициската акција Коцевски не откри, рече дека во обвинението на 40 страници ќе ги има сите детали
Еден службеник од министерството за економија е обвинет за поткуп и за фалсификуваната лиценца. Два пати побарал и добил пари од сопственикот на Пулс.
„Во 2019 од првообвинетиот побарал и добил 12.000 денари парична награда кои му биле исплатени на неговата банкарска сметка. Во 2024 година, пак, за поголема имотна корист од 226.000 денари на првообвинетиот му изработил две фалсификувани лиценци, кои ги заверил со службениот печат на Министерството за економија, а на кои своерачно се потпишал како да се потпишала обвинетата државна секретарка“ – изјави Коцевски.
Реалниот сопственик на Рубикон Александар Нацев е под истрага и во притвор од пред неколку дена и таа продолжува.
Дали блискоста на Нацев со ВМРО ДПМНЕ е причина што дискотеката не била контролирана и била заштитувана Коцевски вели:
„И нас ни е чудно и на целата јавност како цел период од најмалку 10 години никој не вршел таму надзор. Во врска со ова што тврдите дека тој бил наводно заштитен од власта, од 2012 до настанот се менувале повеќе власти и до овој момент Јавното обвинителство не го докажало“
Иако обвинителството најавуваше дека е можно да произлезат неколку обвиненија за Пулс за да не биде еден голем предмет, Коцевски вели дека со оглед на тоа што се намали бројот на обвинетите но и поради целисходноста ќе се води во една постапка, но не исклучува раздвојување во иднина
Елена Ивановска Мукоска
