Политичките партии преговараат за измените на Изборниот законик и за вовоедување на една изборна единица, изјави денеска министерот за правда Игор Филков.
Прашањето стана актуелно пред околу две недели, но до одржувањето на локалните избори има околу 4 месеци, односно се закажани за октомври годинава.
Со една изборна едница поголема шанса би им им се дала и на независните кандидати и на помалите партии.
Преговорите се во тек, но не ги водиме ние. Се водат меѓу сите политички чинители. Така што ние сме само дел од тие преговори. Јас можам да ви кажам дека во делот на Министерството за правда сме спремни и се вградени препораките на ОДИХР, рече Филков.
Филков денеска на прес конференцијата во својство на претседавач со Центаралниот одбор на ЗНАМ додаде дека силно се залагаат за одвојување на партијата од државата и се спремни уште утре да има избори со било каков модел.
Премиерот Христијан Мицкоски неодамна изјави дека за ВМРО-ДПМНЕ е прифатливо да има една изборна единица, но само со можност да гласа и дијаспората. Тој смета дека има доволно време за подготовки до следните парламентарни избори.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски денеска го повтори ставот на Мицкоски.
ВМРО-ДПМНЕ излезе со јасен став. Тоа е ставот на претседателот Христијан Мицкоски кој што на седница на Собрание пред сите пратеници од сите политички партии повика да изгласаме измени на Изборниот законик и да воведеме една изборна единца со тоа што во неа ќе бидат опфатени и нашите државјани од дијаспората. Понудата и прелдогот е ставен на маса и очекуваме поддршка од сите политички партии. Не сакаме да ги правиме грешките кои што ги правеше СДСМ во минатото кога во 5 до 12 ги менуваше изборните правила. Сакаме измените на Изборниот законик да бидат донесени со консензус на сите политички партии, рече Петрушевски.
Лидерот на СДСМ, Филипче, изрази подготвеност за разговори за една изборна единица, вклучително и прашањето за цензусот, како и за отворените листи. И од ДУИ се согласни за промена на зиборниот модел.
Претседателот на Движење Беса и тетовски градоначалник Биљал Касами смета дека е комплексно прашањето дали при парламентарни избори треба да има една наместо шест изборни единици и дека за тоа ќе изградат заеднички став во коалицијата Вреди.
На секоја промена на изборниот законик, според него, треба да се пази да нема нема етнички реперкусии.
Против засега е само Алијанса за Албанците на Зијадин Села. Демократски сојуз и ЛДП пред некој ден излегоа со свои иницијативи за измени на Изборниот законик со фокус на воведување на една изборна единица.
Филков на прес конференцијата во однос на локалните избори информираше и дека кандидат за градоначалник на Куманово на ЗНАМ ќе биде лидерот на движењето Максим Димитриевски кој ќе се бори за уште еден мандат.
Преговорите со ВМРО-ДПМНЕ, според него, за заеднички кандидати се во тек и најверојатно ќе имаат најмалку едно градоначалничко место во Скопје и евентуално уште некое во државата.
Петрушевски пак изјави дека ВМРО-ДПМНЕ е во постојана комуникација со коалиционите партии и дека се уште вршат анализи за потенцијалните кандидати кои ќе бидат потврдени на седница на Извршен комитет на партијата, а евентуалните имиња ќе бидат познати наредниот месец.
Марија Митевска
