Кремљ потврди дека Путин и Трамп разговарале по телефон речиси час и половина и се договориле да се сретнат. „Веднаш ги започнуваме преговорите за ставање крај на војната во Украина“, напиша на неговата социјална мрежа „Вистина“, Трамп откако по разговорот со рускиот претседател се слушна по телефон и со украинскиот претседател Зеленски.
„Ние, исто така, се согласивме дека нашите тимови веднаш ќе започнат преговори, а на чело на амерканскиот тим ќе биде државниот секретар Марко Рубио, кој ќе ги води преговорите“, објави Трамп. Тој напиша дека дека разговорот со Зеленски „минал добро“ и дека „како Путин и Зеленски сака мир“. Трамп нагласи дека е време да се запре „оваа смешна војна“, која, според него, резултирала со масовно страдање, смрт и уништување.
Американскиот претседател додава дека тој и Путин разговарале за фактот дека САД и Русија успешно соработувале за време на Втората светска војна и изразиле очекување за „големите придобивки што еден ден ќе ги постигнат со заедничка работа“. И двајцата се согласиле дека сакаат „да ги запрат милионите смртни случаи што се случуваат во војната меѓу Русија и Украина“.
Од руска страна не се откриваат многу детали, освен тоа што го објави руски ТАСС, дека Путин го поканил Трамп во Москва.
Претседателот на САД наведе дека во разговорот биле опфатени многу теми поврзани со војната, но главно претстојната Минхенска безбедносна конференција која започнува во петок, каде делегацијата ќе ја предводат американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс и државниот секретар Марко Рубио, а од украинска страна ќе биде шефот на кабинетот на Зеленски, Андриј Јермак, кој минатата недела изјави дека, потребно е лидерите да сфатат дека сега е моментот оваа војна да заврши со праведен мир и да не и се даде можност на Русија да го подели светот.
Зеленски на платхормата Х објави дека имал содржаен разговор со Трамп и дека долго разговарале за можностите за постигнување мир. Тој укажал на подготвеноста од своја страна да се работи заедно на тимско ниво. Зеленски откри дека се работи и на подготовка на нов документ за безбедност, економска соработка и партнерство за ресурси. „Никој не сака повеќе мир од самата Украина, напиша Зеленски и додаде дека заедно со Соединетите Држави, се прават следните чекори за да се запре руската агресија и да се обезбеди траен и сигурен мир.
Минатата недела на интернет беше објавен т.н. „Мировен план на Трамп“ за Украина, според кој конфликтот би требало да заврши до 9. мај годинава, а прекинот на огнот ќе стапи на сила на 20 април, со што ќе се запре понатамошниот напредок на руските сили. Исто така, украинската армија би морала да се повлече од регионот Курск, каде во август минатата година започна контранапад. Друг клучен дел од предлогот се однесува на забраната за пристапување на Украина во НАТО, при што Киев е обврзан да го признае суверенитетот на Русија врз одредени територии. А трошоците за обновата на Украина би паднале на товар на Европската унија, која би требало да одвои 486 милијарди долари во следните 10 години за обнова на земјата.
Денешниот телефонски разговор Трамп-Путин е прв познат за јавноста директен контакт на руски со американски претседател од февруари 2022 година, кога Путин разговараше со Џо Бајден.
Билјана Ставрова