Термините врват, терапијата се чека, а надлежните уверуваат дека ќе има решение. Пациентите и денеска како и секој ден ги наполнија чекалниците на Онкологија.
Некои добија таблети, другите ќе почекаат додека да стигнат лековите. Пораката до надлежните е кратка и јасна – тендерите не се наш проблем. Други коментираат „цела Македонија е собрана овде“ затоа што има пациенти од сите градови.
„Нема терапија, се чека и со часови“ се дел од сведоштвата на пациентите. Се жалат дека ходниците се претесни за сите пациенти.
Надлежните дадоа рок до крајот на неделава за набавка на два од лековите коишто се дефицитарни, а кои спаѓаат во биолошката терапија. За преостанатите три лекови ќе се почека барем десет дена.
-Дојдов на терминот утрово ама нема терапија. Ќе чекаат да има и тогаш ќе се јават. Не знаат кога ќе дојде терапијата. Само таблети ми дадоа и така. Не ли можат некаде во другите градови да отворат такви центри?! И на пациентите ќе им олесни. Се чека по два ипол, по три часа во тие тесни ходници. Тоа е хаос.
-Јас не се соочив со тоа дека нема терапија. Но, таблетите речиси секогаш ги има. Таа другата терапија некогаш ја нема. Тоа што доцнат со тендери, тоа не е наш проблем!
-Состојбата е за нигде никаде! Влегуваат преку ред… Од Гостивар сум и уште не сум дојден до хемотерапија.
Првиот човек на ФЗО, Клековски инсистира на регистар на онколошки пациенти за да се знае колку ги има и колку терапија треба да се набави. Од Онкологија денеска стигна одговор.
Сѐ додека нема скрининг програми што се функционални во пракса, а не само на хартија, бројот на пациенти со напредната болест само ќе се зголемува. Исто така, стручниот колегиум на клиниката е на мислење дека регистарот за рак ќе остане нефункционален додека не се обезбеди адекватен кадар – оддел, за континуирано ажурирање на податоците, со оглед на обемот на работа и преоптовареноста на постојниот персонал на клиниката.
Министерот за здравство Арбен Таравари сѐ уште не изнел свој став во јавноста за тоа како се дозволи Онкологија да остане без дел од биолошката терапија за пациентите со метастазиран канцер. Но, партиите си упатија бројни обвинувања.
-Па ако цела 2024 година не се земале лекови на реверс, што се чекало досега? Зошто не се реагирало порано, зошто не се направил план за набавки, зошто се дозволи да се доведе во прашање животот на онколошките пациенти? И сега решенијата што се споменуваат дека преку донации ќе се обезбедувале лековите е срамна. Лекови од донации, а Владата сака авион да купува и илјадници евра за шетање по странство да троши, пари на граѓаните, рече Белкиса Зеќири.
-Секоја година првите два до три месеци од годината има недостаток на онколошка терапија и секоја година една иста веледрогерија набавува лекови по енормно високи цени, злоупотребувајќи ја болеста на луѓето и вештачки креирајќи криза со лекови. Дали е вистина дека вештачки создадената криза е токму поради тоа што треба да се купат скапи лекови токму од „Пановски“ за кои постои сомнеж дека се манипулира со цените на лекови?!, рече Миле Лефков.
Од Фондот за здравство вчера посочија дека ваквиот проблем се случува кога се прави премин од една во друга финансиска година, а досега ваквите проблеми се решавале со реверси.
Петар Догов