Македонија Најважни

Опозицијата бара укинување ДДВ за храната, Владата најавува новогодишно замрзнување на цени

Нови мерки за ограничување на цените на основните производи пред Нова година најави премиерот Христијан Мицкоски. Опозицијата бара укинување на ДДВ за храната, а Организацијата на потрошувачи бара мерките да траат подолго, а не само еден месец.

Мицкоски смета дека замрзнувањето на маржите во октомври дало резултат што се гледа и во намалување на инфлацијата.

„Од тоа што сум информиран од страна на министерот и заменик министерот во Министерството за економија и труд, веќе е остварена комуникација со коморите, веќе е дефиниран списокот на производи за сега пред Нова година што ќе излезе, веќе се дефинирани артиклите, веќе се дефинирани и цените, работиме и понатаму и тоа се гледа и во извештаите коишто ги објавува Државниот завод за статистика. Видовте дека после не знам колку време месечната инфлација е всушност во минус. Имаме -0,7 проценти, односно сме во дефлација кога ќе се спореди октомври со септември“, изјави Мицкоски.

Владата пресметала дека „есенската потрошувачка кошничка“, односно ограничувањето на профитната маржа на 73 основни прехранбени производи на секое семејство во октомври му заштедила по над 1300 денари.

Опозицијата, пак тврди дека мерката е погрешна и недоволна, и предлага укинување на ДДВ за храната кое сега е 5 отсто, што ќе има вистински ефект врз граѓаните, односно ќе им заштеди по 2000 денари месечно. Според нивните пресметки, замрзнувањето на маржите во октомври донело незначителни ефекти.

„Најмногу ефект ќе даде намалувањето на ДДВ дефинитивно, и е мерка којашто нема да биде злоупотребена од страна на трговците. Затоа што и во ограничена маржа и кај замрзнување на цените, тие ќе ги качат цените пред да излезе мерката и ја замрзнат таа цена. Така што во секој момент трговците гледаат како да изиграат одредена мерка. Кај ДДВ-то, тие немаат фискални импликации, а државата може, има буџетот пари, може да го поднесе тоа, може барем на одреден период да намали ДДВ“, вели Тренчевска.

Организацијата на потрошувачи вели еден месец е многу краток рок за да има ефекти. Замрзнувањето на цени или маржи треба да трае подолго.

„Месец дена е сепак краток рок. Би требало тие мерки, кога веќе се носат, бидејќи цените треба да ги регулира пазарот, но ако не може тоа да се случи, во тој случај потрошувачите мора да имаат мора да имаат можности за купување на производи со малку пониски цени. Постојано се жалат дека нивниот стандард се намалува, мора да трчаат по маркети, бараат акциски продажби, да бараат производи пред крај на истек на рокот, да одат од маркет до маркет за да може да опстанат со парите коишто им се на располагање“, вели Татјана Тасевска од Организацијата на потрошувачи.

Синдикатите пак сметаат дека се потребни поголеми контроли и казни за несовесните трговци.

Срѓан Стојанчов

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Артан Груби и Енвер Беџети на црната листа на Стејт департментот

Дејан Дејан

Ахмети побара од Уставниот суд да ги отфрли иницијативите за Законот за јазици

Дејан Дејан

Уставен суд нема да ги коментира медиумските објави и апелира на воздржаност

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе