Метеж на влезот и на скалите, редицата долга, а чекањето со часови. Започна доделувањето на ваучерите за набавка и вградување на инвертер-клима уреди за домаќинствата, на граѓаните кои аплицирале и ги исполнуваат условите од јавниот повик.
Денеска и утре се доделуваат во салата „Борис Трајковски“ во Скопје, во спортската сала во Битола и на други места низ државата. До крајот на месецот, ќе можат да се подигнат директно во Министерството за енергетика. Надлежните преку смс-пораки испраќале повик до граѓаните да си ги земат ваучерите.
Министерката за енергетика и рударство посочи дека не е возможно ваучерите до граѓаните да се испратат преку пошта затоа што треба да бидат потпишани договори.
„Супер е. По 4-5 часа чекам“, вели граѓанин.
„Доцна ја добив втората порака дека и утре може да се подигне ваучерот“, додава друг апликант.
„Исто ми е. И утре да дојдам пак ќе има гужва. Застанав, ќе чекам до крај“, рече трет.
Ќе бидат поделени над шест илјади ваучери или околу 155 милиони денари – за енергетска ефикасност, но и за социјално-ранливи потрошувачи.
Министерката Сања Божиновска вели дека слушнала за поплаки дека ваучери се делеле „со врски“ и ги повика граѓаните кои имаат информации за такво нешто, официјално да се обратат до нив.
„Јас слушнав дека има неколку поплаки и ги охрабрувам сите што сметаат дека процесот не бил во ред да нѝ се обратат официјално и ние ќе реагираме до правната служба. Бидејќи, како што напоменав ние воопшто не бевме инволвирани во процесот туку ние само ги добивме имињата на тие што ги добиле ваучерите и имињата на фирмите коишто ќе ги делат ваучерите. До 30 ноември треба да се купат инвертер-климите. Најважно е да се платат и да се искористат“, изјави Сања Божиновска, министерка за енергетика, рударство и минерални суровини.
Јавниот повик за ваучери за инвертер-климите беше објавен од страна на Министерството за економија во февруари годинава.
Списоците на избрани корисници и на продавници со кои се склучени договори за реализација на ваучерите беа објавени пред само неколку дена.
Петар Догов
