Волонтерите на Светскиот центар за храна во Бејрут застанаа во мала импровизирана кујна мешајќи големо тенџере со леќа и ориз. Многумина велат дека се чувствуваат поразени и морале да ги преземат работите во свои раце бидејќи владата не прави доволно.
Ескалацијата на тензиите меѓу Израел и Хезболах принуди на бегство повеќе од 1.2 милиони жители од јужните делови на Либан.
Тоа не е наша работа да го решиме, тоа е работа на владата да го реши и ние никогаш не бараме одговорност од нив. Значи, да, не чекаме затоа што не можеме да ги гледаме нашите сестри и браќа како умираат гладни на улица. Најмалку што можеме да направиме е да ги нахраниме, но колку долго можеме да го правиме тоа?“, вели Алин Камакијан, од Светскиот Центар за храна во Либан
Со вентилаторите кои дуваа ладен воздух врз нив додека готвеа, други пакуваа топли оброци во контејнери и кутии, добротворната организација дистрибуира бесплатни оброци во Либан од почетокот на војната во Газа пред една година и нападите меѓу Израел и Хезболах кои раселиа многумина на југот.
Но, по ескалацијата на непријателствата од страна на Израел во септември и последователната инвазија на југот, невладината организација ги засили напорите за помош.
Се обидуваме да ги нахраниме луѓето насекаде. Денес Светскиот Центар за храна готви повеќе од 50.000 топли оброци дневно, кои се дистрибуираат од 18 различни кујни ширум Либан. А ние се обидуваме да дадеме надеж со еден шпорет, додава Камакијан.
Десетици илјади луѓе се преселија во станови или кај роднини, но други ја немаа таа опција.
Многумина побарале засолниште во државните колективни прифатни центри, а близу 250,000 лица преминале во Сирија.
За овие лица, изборот е јасен: Да останат во Либан, каде ресурсите се ограничени, или да се вратат во военото разорената Сирија.
Повеќе од половина од новодојденците во Сирија се жени и деца. Меѓу нив е и Хавла, која избегала со своите три мали деца но на пат кон Сирија добила породилни болки и започнала со породување.
Приливот на раселени лица ја влошува веќе критичната хуманитарна криза во Сирија, каде 16.7 милиони луѓе имаат потреба од помош, а 13 милиони се соочуваат со акутна глад.
Паралелно за време на еврејскиот празник Јом Кипур во Тел Авив, се собраа стотици граѓани за да се помолат за своите најблиски кои се уште се заробени од ХАМАС за време на нападот од 7ми октомври.
„Денес велам: Не кажувајте дека ви е жал. Склучете договор што ќе ги спаси животите на другите заложници кои сè уште можат да се спасат. Мојата братучедка Кармел преживеа 328 дена во заробеништво пред да биде брутално убиена од киднаперите. Денес е ден да размислиме како да постапиме поинаку за да избегнеме такви ужаси“, раскажува Шеј Дикман, братучедка на заложничката Кармел Гет која беше убиена по речиси една година во заробеништво.
Настаните од 7ми октомври, кои беа најкрвави во историјата на Израел, ја променија перцепцијата на ризикот и јавниот притисок за поголема безбедност.
Во услови на таква криза, Нетанјаху избира агресивен воен одговор, што укажува на решеност да се елиминираат заканите од Иран и неговите прокси групи и покрај напорите за изнаоѓање на договор за мир.
Александар Петрески