Вести Македонија Најважни

Поволен унгарски кредит по неизвесна политичка цена

Министерството за финансии го официјализира кредитот од 500 милиони евра од Унгарија. Министерката Гордана Димитриеска Кочоска денеска во Будимпешта го потпиша договорот за заем од унгарската Експорт-импорт банка. Според најавите, парите треба да легнат на државната сметка до крајот на неделава.

Кредитот е поволен со годишна камата од 3,25 отсто. Ќе се исплаќа 15 години, од кои првите три се грејс-период.

Сепак, опозицијата изрази загриженост дека заемот може да дојде по висока политичка цена. Поранешниот вицепремиер за економски прашања и актуелен пратеник од СДСМ, Фатмир Битиќи вели дека политичката цена од евентуалното мешање на Унгарија во внатрешните работи на земјава може да е поштетна и поголема, отколку придобивката од кредитот.

Според опозицијата, Експорт-импорт банката на Унгарија пред само неколку месеци доби кредит од Кина од една милијарда евра и се сомнева дека кредитот е кинески, а Унгарија е само посредник, па се отвора простор и за политичко влијание од Кина.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан, при посетата на Охрид пред десетина дена, рече дека кинескиот кредит во Унгарија е наменски и мора да се потроши за конкретни проекти. Кинески пари не можеме да ви даваме, а европски пари можеме и ќе ви ги даваме, рече Орбан.

Законот за унгарскиот кредит, што го договорија премиерот Христијан Мицкоски и Орбан за време на Самитот на НАТО во Вашингтон, беше изгласан во Собранието по скратена постапка на 17 септември годинава. Опозицијата оцени дека се работи за голем корупциски проект и се обиде да го блокира.

Половина од овој кредит, односно 250 милиони евра, треба да му стават на располагање на стопанството за да се забрза економскиот раст, а 250 милиони евра треба да се потрошат на инфраструктурни проекти во општините. За годинава се најавуваат 100 милиони евра за инвестиции во локалната инфраструктурата, но во буџетот за таа намена се предвидени само 75 милиони евра.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ВМРО-ДПМНЕ бара одговорност од градоначалникот на Гостивар, Валбон Лимани

Sasko Dimovski

Клековски: Замолувам да нема „слободни јавачи на епидемијата“ – Пановски, Беќаровски и Ристески му реплицираа на социјалните мрежи

Sasko Dimovski

СДСМ: Наместо одговорност за труењето на граѓаните, Клековски и ВМРО-ОКГ со напад на лекарите

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе