Иако транспарентноста е една од основните заложби, и по 100 дена новата Влада се уште нема портпарол. А кој се стои зад соопштенијата потпишани со „Сектор за односи со јавноста/Генерален секретаријат“ или Канцеларија на портпаролот на Владата, никој не знае. Токму од вториот потписник Топ Тема доби одговор дека премиерот Христијан Мицкоски засега нема да ги каже надворешните советници.
- „Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски до сега има работно ангажирано со договор неколкумина надворешни советници кои се од редот на професори, научници, истакнати стопанственици и стручњаци кои поседуваат посебни знаења и искуства во областите на долгорочното стратешко планирање, во економскиот, политичкиот систем и човечките ресурси и одржливиот развој. Тимот на надворешни советници се уште е во фаза на доекипирање, по што ќе бидат објавени во јавноста на начин којшто доликува на оваа позиција“ – одговорија од Владата.
Останува дилемата дали новинарско прашање е недостојно и каква процедура или церемонија треба за да се соопштат имињата на советниците на премиерот. Но неговите соработници, кои стојат зад потписот Канцеларија на портпаролот на Владата, барем не удостоија со одговор дека премиерот досега нема именувано ниту еден посебен советник, иако Законот му овозможува да има дури 25.
И додека премиерот ги крие надворешните советници, а Владата нема портпарол, на позицијата лице за односи со јавноста во Министерството за локална самоуправа, министерот Златко Пирински времено ангажирал професионалец – и тоа сопственичката и управителката на ПР Агенција ИДЕА ЛАБ – ДЕ, Ема Темелковска Анчевска, чија фирма се јавува и како корисник на буџетски средства, токму за ПР активности на државни институции… Но тоа за министерот Пирински воопшто не е спорно. Името на Темелковска Анчевска го има на збирниот список за лица задолжени за односи со јавноста, што официјално го лиферуваа од Владата. А на прашањата на Топ Тема, од Министерството на Пирински одговорија:
- „Ангажманот на Темелковска Анчевска е од времен карактер и се однесува за вршење работи од областа на ПР-от во рамки на проектите кои МЛС ги реализира . Надоместот кој го добива Темелковска Анчевска изнесува нето 53.000 денари, со времетраење до 31.12.2024 година“.
Пирински не гледа никаков конфликт на интереси, поради тоа што лице за односи со јавноста или портпарол на неговото министерство е сопственичка и управителка на ПР фирма, која се јавува и како учесник на тендери на државни институции. Напротив:
- „Не постои конфликт на интереси, бидејќи ангажманот на Темелковска Анлевска е во рамки на нејзината експертиза, исто како дејноста на Друштвото каде што таа е управител. Имено, и таа работи во истата област и во ситуациите кога Друштвото било корисник на буџетски средства секогаш биле врз основа на договори за ПР и маркетинг активности“.
Но за дел од правните експерти што ги консултираше Топ Тема токму сопствеништвото и управителската позиција, се спорните точки. Темелковска – Анчевска може да остане на таа позиција,, велат нашите соговорници, но треба да се откаже од управителската функција.
- „Правни пречки за ангажман нема, освен доколку во систематизацијата на Министерството е предвидено такво работно место. Несомнено, има судир на интереси меѓу ангажманот како лице за односи со јавноста и како управител на посочената фирма. Доколку Министерството сака да го продолжи тој ангажман, тогаш ангажираното лице треба да се откаже од функцијата управител на фирмата, без оглед што станува збор за времено вработување. Дополнително, треба да се разјасни и дали е информирани лицето за интегритет во Министерството за локална самоуправа и дали е пријавен можен конфликт на интереси“ – велат експерти.
Дали, во Министерството според препораките на ГРЕЛО има лице за интегритет и дали е пријавен можен конфликт на интереси, одговор не добивме. Но она што може јасно да се утврди е дека в систематизацијата на Министерството за локална самоуправа токму во Секторот за кабинетски работи има посебно одделение за односи со јавност и комуникации.
Но, се поставува и дилемата дали конфликтот на интереси Темелковска Анчевска завршува само со нејзината ПР фирма, бидејќи таа се јавува како сопственик во уште една фирма, која според јавно достапните податоци во последните седум години имала прилив на пари од Буџетот, а во моментов нејзиното портфолио е означено и со црвена боја, како должник на УЈП. Според истите податоци кон Идеа Лаб од Министерството за локална самоуправа во јули годинава се исплатени 72 000 денари, а пари легнале и од една општина.
Боби Христов
