Претседателката Гордана Сиљановска Давкова вели дека не би можела точно да одговори дали може да дојде до реализација на „францускиот предлог плус“ и ставот на Владата кој неодамна беше презентиран во Брисел.
Taa повторува дека во Договор за пријателство со Бугарија нема одредба за менување на Уставот и потенцира дека не може да има, бидејќи таа се врзува со историските комисии и нивните разговори. Сепак, според неа, земјава може на друг начин да пристапи кон Договорот.
Според Давкова важно е како ќе се однесуваме кон Преговарачката рамка, бидејќи интерпретацијата, доколку има пријателски договор кој ќе ги почитува Копехашките критериуми, значи дека македонскиот народ има сопствена историја и јазик, и дека историјата, културата, јазикот не може да бидат предмет на разговор.
Додава дека ние сега всушност ја потсетуваме ЕУ на темелните вредности и принципи на уставното право на ЕУ. Сето ова што го зборувам јас, културен идентитет, национален идентитет, договори засновани на реципроцитет, немешање во внатрешни работи, почитување на дигнитетот и интегритетот е дел од европското уставно право, додава Силјановска – Давкова.
