Неуспешен беше и денешниот обид да започне одново судскиот процес поврзан со пожарот во модуларната болница во Тетово. Вторпат е одложено рочиштето, откако Апелациониот суд во Гостивар предметот го врати на повторно судење во Тетовскиот Основен суд. Поради отсуство на адвокатот на еден од обвинетите, следното рочиште судијата Јордан Велковски го закажа за на 5 ноември.
Апелација во април годинава донесе решение со одлучи да се повтори судењето за поранешните директори на Клиничката болница, Флорин Бесими и Артан Етеми, како и за болницата како правно лице, додека ослободителната пресуда за докторот Бобан Вучевски е потврдена.
Во Одлуката меѓу другото се вели дека поради отсуството на образложени причини за решителни факти, ја прави обжалената пресуда нејасна, неразбирлива и неподобна за целосно испитување по однос на нејзината правилност, на што основано се укажува во изјавените жалби на обвинетите.
До Апелациониот суд во Гостивар пристигнале жалби од тетовското Обвинителство, од обвинетите, но и од оштетените.
Обвинетите велат дека очекуваат судот да ги почитува препораките на Апелациониот суд и да ги спроведе истите, додека роднините на жртвите ја бараат вистината.
Инаку со пресудата на Основниот суд Тетово, донесена на 5 ти јуни минатата година, за пожарот во модуларната болница во кој починаа 14 лица, на обвинетите Бесими и Етеми им беше изречена условна казна од 18 месеци и парична казна на правното лице за кривичното дело „Тешки дела против општата сигурност“, затоа што не поставиле противпожарни апарати, додека докторот Вучевски беше ослободен од обвинение.
Данијела Билбилоска
