Жестоки израелски воздушни напади го потресуваат југот на Либан. Израелската армија бомбардира позиции на Хезболах во градот Хабух. Либанското Министерство за здравство соопшти дека во воздушните напади до сега убиени се над 180 лица, а над 400 се повредени, меѓу кои голем број жени и деца. Израелската војска соопшти дека погодила 300 цели додека го засилува притисокот против милитантната група Хезболах.
Израел утрово ги повика луѓето во јужен Либан веднаш да ги евакуираат домовите и другите станбени објекти каде Хезболах складира оружје и соопшти дека изведува „обемни напади“ против милитантната група.
Ги продлабочуваме нашите напади во Либан, секвенцата на операции продолжува и ќе продолжи додека не ги постигнеме нашите цели – да ги вратиме жителите на север безбедно во нивните домови изјави израелски министер за одбрана Јоав Галант.
Галант ги повика Израелците „да покажат смиреност, дисциплина и целосна послушност кон насоките на командата на Домашниот фронт“. Училиштата во градот Хаифа во северен Израел останаа затворени, а јавните засолништа беа отворени. Жителите таму велат дека во градот владее силно чувство на исчекување.
Вистината, овде во населбата Кармел е како во меур. Релативно е тивко, иако вчера овде ги доживеавме сите пресретнувања и експлозии. Но, нашето засолниште во зградата е отворено, поподготвени сме од кога било. Чувството е дека чекаме нешто што не сакаме да го чекаме, но најверојатно ќе дојде во еден момент, вели Лир Стерн, жител на Хаифа.
Ние, го поминавме ова во други воени операции и стресни времиња во Израел, но, како што реков, ние продолжуваме напред, газиме во вода и се надеваме дека сите ќе живеат во мир. Ќе се ослободам од екстремистичките сили кои го контролираат животот на цивилите, истакнува Орон Охајон, жител на Хаифа.
Речиси цела година траат прекуграничните пресметки меѓу Израел и Хезболах. Милитантната група тврди дека влегла во војната од солидарност кон својот партнер Хамас во Газа и рече дека ќе престане да истрелува ракети кога војната во Газа ќе заврши. Меѓувреме двата бомбашки напади преку илјадници комуникациски уреди, користени главно од членови на Хезболах во различни делови на Либан, при што загинаа 39 луѓе, а беа ранети речиси 3.000 дополнително ги разгореа тензиите. Либан го обвини Израел за нападите, но Израел не ја потврди ниту негираше својата одговорност.
Хезболах како одмазда вчера лансираше околу 150 ракети, проектили и беспилотни летала во северниот дел на Израел.
Зголемените напади и контра удари ги зголемија стравувањата од сеопфатна војна во регионот.
Александар Петрески
