Вести Македонија Најважни

Во Собранието се изгласа законот, со кој Македонија ќе се задолжи половина милијарда евра во Унгарска банка

65 пратеници од владеачкото мнозинство се уверени дека заемот од 500 милиони евра кај Унгарската експорт-импорт банка ќе донесе инвестиции во македонската економија и развој на општините. 15 опозициски пратеници се сомневаат дека кредитот носи ново и нетранспарентно задолжување кое ќе го зголеми долгот на 68 одсто од БДП.

СДСМ го нарече овој заем економско предавство и удар врз домашните компании. Унгарската банка ја сметаат за докажан политички инструмент на задкулисни кругови и дека поддржува проекти чии вредности „не се дел од западноевропскиот корпус“. Прашуваат дали се работи за унгарски или за кинески пари и дали за заемот ќе треба да направиме и политички отстапки.

-Ваквите заеми не доаѓаат без политички услови. Нивното финансирање може да ја засили зависноста од режими кои се познати по авторитарни практики и ерозија на демократијата. Дали сакаме нашата земја да биде вовлечена во орбитата на држави кои ја користат својата економска моќ за да ги поткопаат темелите на слободата и правдата? Ова не е само заем. Ова е потенцијална замка што може да ја стави Северна Македонија на патот кон политичка подреденост, рече пратеникот Фатмир Битиќи од СДСМ.

Критиките доаѓаат од поранешни министри во Влада која го дуплираше јавниот долг на државата, реплицира ВМРО-ДПМНЕ со тврдење дека ова е најтранспарентниот заем. Има цел да помогне за „одржлива финансиска состојба и за економски прилагодувања“. 250 милиони евра ќе се наменат за инфраструктурни проекти на општините, а другата половина за евтини кредити за стопанството.

-Во наредните години ние ќе имаме инвестициски буст во стопанството од 700 милиони евра. Ова гарантира 5 илјади работни места годишно и раст на БДП од 5%.Овие средства нема да ги контролира државата туку ќе има преговори со комерцијалните банки и да се прашаат дали ќе наплаќаат провизија и доколку наплаќаат, овие средства нема да одат преку нив туку преку Развојната банка. Потраспарентно никогаш не било, вели пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ.

Рокот за отплата на заемот е 15 години со грејс период од 3 години. Има фиксна каматна стапка од 3,25 проценти. Министерството за финансии најавува дека ќе се потпише договор да не се плаќаат провизии од 0,5 одсто годишно за неповлечени средства, а ќе се платат 70 илјади евра провизија за правни услуги на правна фирма што ќе ја избере унгарската банка. Законот беше предложен од Владата и донесен по скратена собраниска процедура.

Соња Николовска

 

 

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Аневска во Телма интервју: Скопјани пијат безбедна вода – изворот Рашче е хемиски стабилен, се прават 20.000 анализи годишно

Дејан Дејан

Започна хиперхлорирање на водводот во Гостивар

Kristina Kuzmanovski

Маѓар најави истрага за заемот од 1 милијарда евра од „Ексимбанка“ за Македонија

Sonja Petrusevska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе