Непоставувањето на македонското државно знаме ги покажува вистинските намери на официјална Софија кои не се внесување на Бугарите во Устав туку покажување на мускули. Ова е ставот на премиерот Христијан Мицкоски кој е дециден дека секогаш кога ќе се поминат „црвените линии“ ќе се реагира за разлика од минатото кога според него се „виткала кичмата“.
Тој вели дека сега работите се решаваат дипломатски со протесни ноти и повтори дека односите меѓу Македонија и Бугарија ќе продолжат да се градат на принцип на двонасочна улица.
Тогаш кога ќе се помине Рубиконот, кога ќе се помине црвената линија, тогаш треба и да се реагира, зошто вие ако не реагирате тој исклучок потоа ќе стане пракса. Но, она што е поважно за мене е што Европа и светот можеа да видат на отворена сцена, а тоа го очекувавме, кои се вистинските намери на водството во Софија. Не се вистинските намери Бугари во Устав, тоа е најмалиот проблем, таму малку поголема или да бидам прецизен, многу поголема е потребата да покажат мускули и да ги покажат своите вистински намери. Па имаше реакција од Кабинетот на претседателката и мислам дека тамо стоеше многу јасно зошто тој ден не е реагирано, во интерес на почитта кон загубените трагични животи на пилотите коишто загинаа тој ден во Бугарија. Не сакавме да создаваме тензија но, добро е што и денеска се реагира, на овој начин, изјави премиерот Мицкоски.
На острите реакции од Македонија бугарскиот претседател Румен Радев рече дека со Силјановска имале конструктивен разговор, средбата била неформална, не станува збор за провокација а единствениот проблем на Македонија е исполнување на преговарачката рамка.
Но, нека биде јасно дека ова не беше ниту државна, ниту работна посета. И се надевам дека во блиска иднина претседателката на РС Македонија ќе оствари државна посета, која заедно со сите официјални церемонии според протоколот ќе придонесе и за понатамошен развој на нашите односи, изјави претседателот на Бугарија, Румен Радев.
Извори од МНР тврдат дека протоколите на двете страни имале регуларна средба и координација пред работниот ручек на кој било поставено македонското државно знаме. Државно знаме не било поставено на средбата на министерот за култура Зоран Љутков а реакција немало поради авионската несреќа како што кажа и премиерот.
Од МНР брифираа дека министерот Муцунски нема да го прими бугарскиот амбасадор на кој ќе му биде врачена протестната нота.
Кога станува збор за историската комисија премиерот Мискоски кажа дека очекува да продолжи со работа во духот на пријателството и добрососедството, со објективни разговори и без избрзани решенија.
Огнен Чанчаревиќ
