Поројниот дожд продолжува да ги полни реките низ Централна и Источна Европа.
Според информациите на медиумите досега потврдено е дека едно лице се удавило во Полска, а илјадници останале без електрична енергија.
Полскиот премиер Доналд Туск во утрово ја потврди смртта на едно лице, а жителите на погодените населени места ги повика да соработуваат со спасувачите, пренесува „BBC“.
Бурата Борис вчера се покажа како смртоносна и во Романија, каде четири лица загинаа за време на поплавите во југоисточниот регион Галати.
Во Чешка, поплавите доведоа до евакуација и 51.000 домаќинства во северните области на земјата кои беа погодени од прекини на електрична енергија, соопшти чешката електроенергетска компанија ЧЕЗ.
„Повторно се соочуваме со ефектите од климатските промени, кои се сè поприсутни на европскиот континент, со драматични последици“, изјави вчера романскиот претседател Клаус Јоханис.
Екстремните врнежи стануваат се почеста појава во Европа, како и во поголемиот дел од светот, поради климатските промени.
Потопла атмосфера може да задржи повеќе влага, што може да доведе до пообилни врнежи.
Градоначалникот на Слобозија Коначи, село во романскиот регион Галати, изјави дека 700 домови се поплавени.
„Ова е катастрофа од епски размери“, рече Емил Драгомир.
Во Глухолази, јужна Полска, пожарникарите градат бариери со вреќи со песок за да ги заштитат жителите во близина на реката
Во Глухолази, во југозападниот полски регион Ополе, градоначалникот на градот рече дека локалната река се излеала од коритото и дека сега го поплавува градот.
Тој апелираше до жителите да се евакуираат на повисоките места.
Жител на градот, Зофија Овсијака, вели дека сите се „исплашени“ и се чини дека „нема надеж дека дождот ќе престане“.
Во Краков, вториот по големина град во Полска, на жителите им се понудени вреќи со песок за заштита од поплави.
Говорејќи од градот Клоѓко, една од најтешко погодените области во Долна Шлезија во близина на границата со Чешка, Туск рече дека 1.600 луѓе во областа биле евакуирани.
Во областа, 17.000 луѓе се без струја, рече тој. На некои локации сигналот на мобилните телефони и интернетот е во прекин, па тој рече дека донел одлука да ги користи сателитите „Starlink“.
Туск рече дека првиот хеликоптер Блекхок бил испратен во главниот град на регионот, Вроцлав, каде што илјадници жители морале да ги користат скалите на високите блокови бидејќи лифтовите биле затворени како мерка за безбедност од поплави.
Во Чешка, вчера пукна брана во регионот Јужна Бохемија во земјата.
Министерот за животна средина Петр Хладик ги повика оние во најтешко погодените области да се подготват да ги напуштат своите домови.
Хладик рече дека земјата е заситена и дождовницата останува на површината – зголемувајќи го ризикот од поројни поплави.
Дожд во Чешка се очекува до вторник, рече министерот.
Чешкиот премиер Петр Фиала рече дека земјата се подготвува за „тежок викенд“.
Властите поставија заштитни ѕидови од вреќи со песок и метални бариери.
Фудбалските натпревари во двете најсилни лиги во земјата кои беа закажани за овој викенд беа откажани.
Зошто бурата Борис беше толку разорна?
Бурата Борис веќе донесе екстремни количества дожд низ централна и источна Европа, со нови поројни дождови во прогнозата барем до крајот на понеделник.
Во Лиса Хора на планините на западот на земјата, од четвртокот наврнале 288 мм дожд за само три дена. Ова е воден талог кој во нормални временски услови би наврнал за време од три месеци.
Невремето беше толку разорно од две причини.
Прво, позиционирањето на бурата влече постуден воздух од север за да се измеша со влагата што се извлекува од невообичаено топлите води на Медитеранот и Црното Море.
Второ – нискиот притисок се движи многу бавно. Тој е заглавен во „блокирана временска шема“, што значи дека бурата е „заробена“ помеѓу високиот притисок на запад и исток.