Од најголемата комора во земјава бараат да се избришат одредени делови од Законот за нефер трговски практики кој се очекува да стави крај на проблемите со цените кои не престануваат да дивеат во маркетите.
Првиот човек на комората Азески во писмо од четири страници до кое дојде Телма му сугерира на премиерот Мицкоски што не чини во овој документ.
Спорен е периодот на прилагодување на новото законско решение. Во писмото стои дека во ЕУ субјектите на пазарот имаат повеќе простор да се адаптираат на новините. Проблем за Азески е и тоа што некои измени треба да се случат во период кога не е завршена календарската година.
Праксата на другите пазари во Европската Унија укажува на многу подолг период за усогласување со законите со кои се забрануваат одредени трговски практики, додека, пак, во Република Северна Македонија преоден период не е оставен, освен за добавувачите и за купувачите кои склучиле договори за снабдување, за кои имаат обврска да ги усогласат со овој закон во рок од 6 месеци од денот на неговото влегување во сила, а тоа е пред истекот на септември 2024 година, пишува претседателот на СКМ, Бранко Азески
Од комората бараат да се избрише делот од законот со кои се ограничува рабатот кои добавувачот му го одобрува на купувачот. Се бара да се прецизираат и условите под кои купувачот може да ги врати кај добавувачот непродадените производи. А сметаат и дека треба да се зголеми рокот во кои купувачот го известува добавувачот дека ја намалува нарачката на одреден производ.
Со оглед на тоа што претставниците на добавувачите и на купувачите изразија потреба од дополнително прецизирање и појаснување на одредени одредби од Законот, предлагаме да ја разгледате можноста за дополнително продолжување на рокот за усогласување на работењето со Законот, со цел разјаснување на сите дилеми и поголема правна сигурност за субјектите кои се засегнати од него, стои во писмото.
Инаку, Законот за нефер трговски практики се донесе во март. Паралелно се состави и листа со над 2.500 производи чии маржи не треба да бидат поголеми од 10 отсто. Тука се најдоа производи од основни, до луксузни па и алкохол и цигари.
И претходно од Стопанската комора бараа во овој документ да бидат производи кои се со ДДВ од 5 отсто. Сега добавувачите и купувачите имаат рок уште неколку дена да ги усогласат договорите. Премиерот Мицкоски ќе чека да заврши месецов и да види дали ја исполниле обврската, но по дописот кој е упатен дирекно до него останува да се види, дали тој ќе ги прифати барањата од бизнисот и дали законот ќе се менува но и дали ќе се пролонгира неговата примена.
Во меѓувреме граѓаните се сведоци на секојдневен раст на цените во маркетите. Во анкетите постојано зборуваат дека од продавница дома се враќаат со полупразни торби, а принудени се и да се откажат од одредени производи. За сега замрзнување на цените не се планира, а се поизвесно е и дека нема да има вонредно зголемување на минималната плата.
Ирена Чачкова