Вести Најважни Свет

Ќе се борам за средната класа – Камала Харис ја прифати номинацијата за претседател на САД

Камала Харис ја прифати номинацијата од Демократската партија на Националната конвенција во Чикаго, со што и официјално стана кандидатка на партијата за претседателските избори во САД на 5 ноември.

„Во име на Американците, како оние со кои пораснав, луѓе кои напорно работат, ги следат своите соништа и се грижат еден за друг, во име на сите оние чии приказни може да се напишат само во најголемата нација на светот, ја прифаќам вашата номинација да станам претседател на Соединетите Американски Држави“, изјави Харис пред присутните.

Харис ги повика Американците да ги отфрлат политичките поделби и да одберат нов пат напред и најави дека како претседател ќе се залага за намалување на даноците за средната класа, како и за поддршка на сојузниците од НАТО и Украина. Харис истакна дека сега е време за прекин на огнот меѓу Израел и „Хамас“ и постигнување договор за ослободување на заложниците во Газа.

Актуелната потпретседателка ја истакна својата лична приказна и искуството како обвинител, аргументирајќи дека има уникатни квалификации за да ги заштити интересите на Американците против Доналд Трамп, кој според неа, има само свои интереси на ум.

„Нашата нација има ретка можност со овие избори да го надмине горчливиот и циничен пристап од минатото и да избере нов пат напред, не како припадници на една партија, туку како Американци“, рече Харис пред собраните делегати.

Харис, која е ќерка на имигранти од Јамајка и Индија, стана првата личност од јужноазиско потекло која ја прифати номинацијата за претседател од една од двете главни партии во САД. Ако биде избрана, таа ќе стане и првата жена претседател во историјата на САД. Во својот говор од 40 минути, Харис не ги спомена директно овие историски први случувања и ретко ги употребуваше зборовите „Демократ“ или „Републиканец“, освен во контекст на дискутирање на двопартискиот закон за границите, кој Трамп го блокираше порано оваа година, а кој таа вети дека ќе го потпише ако биде избрана.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Кисела Вода не знае кој извршил реконструкција на патот кај Теферич

Kristina Kuzmanovski

Отворил боледување, а одмора во странство – со анонимни пријави ќе се воведува крај на лажните отсуства од работа

Kristina Kuzmanovski

Над 20 случаи во Грција со вирусот Западен Нил

Kristina Kuzmanovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе