Приватно обезбедување, ангажирано од Електродистрибуција, ги чува далноводите на дивата депонија „Вардариште“, откако силното невреме минатата недела турна два 110-киловолтни решеткасти столба, па десетици илјади жители на Скопје повеќе од 12 часа останаа без струја.
Проблемот привремено е решен со премостување.
Електродистрибуција стравува дека препродавачи на старо железо ќе ги украдат паднатите столбови и ќе направат уште поголема штета.
Инженерите велат дека далноводите се проектирани да издржат многу силен ветер. Невремето не е единствената причина за паѓањето.
Препродавачите на старо железо палат кабли на депонијата за да го извадат бакарот за продажба. Пожарите ја уништуваат поцинкуваната заштита на далноводите и го намалуваат квалитетот на железото на столбовите. Бетонските темели, кои мора да бидат најмалку 20 сантиметри над земја, често се затрупуваат, па железото побрзо ‘рѓосува. На некои места тие се затрупани со дури два до три метри земја.
„Како најсериозна закана по ситуацијата на терен би ја издвоил ситуацијата со крадење на метални делови на самите челични столбови што во крајна линија придонесува до нивно сериозно оштетување. Дополнително, во делот на превентивните мерки, после санацијата на дефектот, донесен е заклучок, поради ситуацијата да терен да се ангажира приватна компанија за обезбедување на имот, се со цел да го минимизираме евентуалниот недостиг на железни делови од веќе паднатите столбови“, вели Петре Станков, инженер во Електродистрибуција.
На паднатите далноводи се гледаат траги од украдените винкли. Празните дупки за штрафови сведочат дека тука имало заштрафени косници кои одат во икс меѓу столбовите и ја одржуваат стабилноста. Секоја наредна винкла што ќе исчезне, дополнително ја нарушува стабилноста на столбот и потоа ветерот само го докусурил.
Во Електродистрибуција велат дека постојано местат нови елементи, но до утре може да ги снема. Известени се сите надлежни институции, никој не може да стави 24-часовна стража на секој столб.
„Овие сторители треба да се пронајдат и соодветно да се санкционираат“, велат во Електродистрибуција.
Во Електродистрибуција се обиделе да го решат проблемот и со антивандал штрафови, кои не може да се отштрафат, но крадците нашле решение и за тој проблем. Доаѓаат со апарати за сечење со боци со кислород или со батериски брусалки и ги сечат штрафовите.
Во МВР велат дека само во првата половина од годинава на подрачјето на Скопје се регистрирани 13 кривични дела – „Уништување или оштетување јавни инсталации“ за што се поднесени три кривични пријави против четворица сторители.
Инженерите велат дека безбедноста ја загрозува и тоа што се натрупува земја под далноводите. Жиците мора да бидат високо над земја, со оглед на тоа што на 110-киловолтен далновод, струја може да ве удри и без да ги допрете жиците, на еден метар оддалеченост.
Срѓан Стојанчов
