Вести Македонија Најважни

Границите ќе се дигитализираат и ќе се застанува еднаш – ама на прашањето кога, нема одговор

Едношалтерски систем и дигитализирани граници – целта е побрз проток на патници ама кога ќе биде постигната, нема одговор. Министрите за внатрешни работи на Македонија и на Србија денеска се сретнаа на граничниот премин „Табановце“.

На просторот меѓу двата гранични премина, министрите Тошковски и Дачиќ ги повторија заложбите за поедноставен процес и пократко задржување на граница. Но, на прашањето – дали сезонава ќе се реформира работењето и ќе се намали метежот, нема потврден одговор.

„Јас 100 пати побарав и инсистирав да може да се преминува границата, да се поедностави, еднаш да се застанува. И секогаш имаше некакви адиминистративни проблеми. И секогаш кога се зборува за ова, па еве и сега додека стоиме овде околу нас има некој кој ќе каже дека тоа не може баш така. Па ајде да најдеме како може“, изјави министeрот за внатрешни работи, Панче Тошковски.  

Во летните месеци долги се редиците на Табановце – некогаш повеќе, некогаш помалку.

Патниците кои напладне се најдоа на граница, не чекаа повеќе од 15-тина минути. Но, се надеваат дека набрзо уште поедноставно ќе биде минувањето на границата.

„Не чекам многу, околу 10 до 15 минути. Не е страшно. Некогаш има повеќе метеж, а некогаш не. Воглавно, добро е“, изјави еден патник.

„Прва лига, најмалку досега од сите овие изминати години“, тврди друг.

Министрите денес дојдоа на „Табановце“ за да ја поттикнат кампањата за одговорно управување на моторни возила. Кампањата „Вози одморен“ ја промовираше Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата, а целта е да се намалат црните статистики кои се бележат на патиштата.

Од „Табановце“, Тошковски и Дачиќ се упатија кон Белград и таму ќе имаат билатерална средба, ќе разговараат на теми значајни за двете држави и за тоа како да ја унапредат полициската соработка.

 Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(видео)Органодарителството спасува живот – мора да биде доброволно

Дејан Дејан

Вработен во Центарот за вработување во Прилеп осомничен за примање поткуп од 18.000 денари

Дејан Дејан

Телма интервју со Мартин Јошески од АХВ – На кое ниво е координацијата меѓу институциите задолжени за заштита на јавното здравје

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе