Вести Македонија Најважни

Продолжува борбата со огнената стихија на Серта- ќе се обидеме денеска да воспоставиме контрола врз пожарот, вели Ангелов

Борбата за справување со огнената стихија на планината Серта продолжува и денеска. Откако вчера беа безуспешни обидите огнот да биде ставен под контрола денеска напомош ќе бидат вклучени и ертракторите, а активно ќе се гаси и од копно.

Линијата на огнот се протега во должина од 30 километри информираат надлежните. Од ЦУК информираа дека има поголем број жаришта, а вчера било прекинато дејствувањето со хеликоптерите од воздух поради густите облаци од чад кои оневозможувале леталата да се спуштат на соодветна висина за да можат да испуштаат вода.

Во видео изјава Ангелов информира дека утрово имал брифинг со пилотите на хеликоптерите кои полетуваат за да ги изгаснат пожарите ширум земјава.

Нешто подоцна, како што рече, ќе полетаат и сите „ер трактори“, три на Дирекцијата за заштита и спасување – ДЗС и два турски „ер трактори“, заедно со хрватскиот канадер кон планината Серта, на територија на општина Штип, зад селото Драгоево.

  • Ќе се обидеме денеска да воспоставиме контрола врз големиот пожар, кој повеќе денови гори на планината Серта. На сите места каде ќе дејствуваат воздухопловите на земја имаме противпожарни единици на кои во овој момент им се приклучуваат 100 војници од Армијата, како и 30-тина припадници на полицијата. Во 8:30 часот на аеродромот Петровец ќе слета авионот од Романија „Херкулец“, кој носи т.н. водни бомби од повеќе од пет тона. Заедно со него ќе слета уште еден авион, кој му служи како логостика, рече Ангелов.

Според информациите од терен вчера на територијата на државата имало 16 пожари. Од нив успешно биле изгасени 3, а тринаесет се се уште активни.

Во гасењето на огнените стихии вклучени се и припадниците на армијата, полицијата, Национални шуми, ловџии и волонтери.

Нов пожар на само четири километри од Радовиш

А вчера попладнето изби нов пожар во радовишко, на местото викано Пореката, каде има шест викенд куќи.

Сопствениците со пожарникарите и војската ги бранеа од огнот, а овие објекти се на само четири километри од градот Радовиш.

Пожарите во штипскиот регион вчера се гасеа само од земја бидејќи ер тракторите беа ангажирани во гасење на пожарот над Битола.

Драматично е и на регионалниот пат Штип- Неготино, кој е затворен за сообраќај, бидејќи дрвјата покрај делницата се во пламен, а пристапот е небезбеден поради густиот чад но и високите температури кои се развиваат од пламените јазици.

Се слушаат и експлозии и истрели од полигонот Криволак. Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов вели дека на терен е ангажирана и механизација за да се направат пресеки со цел да се спречи понатамошно ширење на огнот, а командирот на штипските пожарникари, Благој Ренџов информираше дека вчера попладнето се отпочнати и активности на трасата на гасоводит за  сеча на дрвја со цел да се направат бариери.

Огнената стихија е на непристапен терен, а гори и  ридот Штракалево кон полигонот Пенуш.

Пет „Ер трактори“ и еден „Канадер“ вчера интервенира на пожарот во Битола

Пожарот над Битола за кој се мислеше дека е ставен под контрола вчера повторно се разгоре. На терен беа испратени единиците кои го гасеа од воздух.

Се делуваше со Пет Ер-трактори и еден канадер. Огнот повторно се активираше над обиколницата на градот кој веќе со денови е под облак од чад.

Надлежните забранија движење низ шуми во наредниот период, а за лицата кои ќе бидат затекнати ќе се изрекуваат високи парични казни од 1.500 до 2.000 евра.

Но од ЦУК велат дека според она што може да се види на терен сегашните жаришта не се причинети од планинари туку сите почнале во подножјата на планините.

Од таму додаваат и дека МВР веќе има информации за одредени лица за кои се смета дека се причинители на дел од пожарите во земјава.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ЦУК: Сува трева и грмушки горат кај Пробиштип, Куманово и Петровец

Дејан Дејан

Песков: Не е можно замрзнување на конфликтот во Украина

Дејан Дејан

Притвор од 72 часа за македонската државјанка која прегази куче во Црна Гора

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе