Вести Македонија Најважни

Еден тунел, пештерата „Убавица“ и 252,6 милиони евра – новата Влада поништи една одлука за коридорите на „Бехтел&Енка“

Повеќе од 252 милиони евра биле содржани во заклучокот на техничката влада предводена од премиерот Талат Џафери, а се однесувале на изградба на коридорот 8 од страна на „Бехтел&Енка“. Заклучокот бил донесен на 13-ти јуни, додека Мицкоски го подготвуваше новиот кабинет и само 11 дена пред да биде избрана владата предводена од него. На вчерашанта седница на владата заклучокот беше поништен поради техничкиот мандат на претходниците, а владата соопшти дека парите за делницата Гостивар – Букојчани „не се планирани и обезбедени во Буџетот, ниту се економски исплатливи“. Министерката за финансии Гордана Кочовска Димитриеска наведе дека целосниот одговор е во ресорот на министерот Николовски, но дека станува збор за дополнителен трошок поради како што рече некоја пештера.

Станува збор за пештерата „Убавица“ во Гостиварско, а поради мислење од животна средина трасата е изместена за да се спаси тоа природно богатство. Телма контактираше со поранешниот директор на ЈП Државни патишта кој тврди дека не станува збор за нови средства, туку дека тие 252 милиони евра би биле во рамки на првичниот договор од милијарда и 300 милиони евра за коридорите на „Бехтел&Енка“.

„Поради пештерата и поради планинскиот терен била направена „кост-бенефит“ анализа со која подобро било да се гради тунел, наместо дополнителна автопатска лента на висока надморска височина поради што е изготвено и мислење која владата предводена од Талат Џафери го прифатила како заклучок, 11 дена пред да ја напушти „Илинденска“, ни посочи екс директорот Ејуп Рустеми.

Од друга страна, министерот Александар Николоски во телефонска изјава ни посочи дека станува збор за нова дополнителна сума пари и нова траса на делницата Гостивар – Букојчани кои не смеело да поминат со заклучок на влада, туку да бидат одобрени од Собранието со Анекс на договорот и со законски измени на првичниот договор со „Бехтел&Енка“.

„Првичната цена на делницата без тунел била 489 милиони евра, а со заклучок на техничката влада сумата пораснала на 742 милиони евра и тоа мораше да се спречи поради тоа што нема предвидени пари“, ни рече Николоски.

„Постои правен, политички и финансиски проблем, да се зголеми цена само со заклучок на техничка влада кој дури добил негативно мислење од владиниот сектор за законодавство поради што ќе го известиме и обвинителството за да ја истражи постапката на техничката влада“, вели Николоски во телефонски разговор за Телма.

ЈП Државни патишта добиле насоки да го продолжат проектот по првично предвидената траса без тунел, затоа што таа е законски уредена и изградбата на трасата да не влијае врз животната средина, врз биодиверзитетот и врз природните заштитени вредности и богатства. Но, без 225 милиони евра плус за тунелот кој бил планиран да биде долг пет километри.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ЦУК: Сува трева и грмушки горат кај Пробиштип, Куманово и Петровец

Дејан Дејан

Песков: Не е можно замрзнување на конфликтот во Украина

Дејан Дејан

Притвор од 72 часа за македонската државјанка која прегази куче во Црна Гора

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе