Од 40 предмети поврзани со ревизорски извештаи, за кои ДЗР пред неполни два месеци барал податоци од Обвинителство, „Онкологија“ е единствениот што е во фаза на истрага, дел се затворени бидејќи немало основ за кривично гонење, а во повеќто се уште траат проверките.
Додека се чека епилог, Обвинителството тврди дека ги разгледува сите извештаи на ревизорите. Јавното претпријатие „Железници – Инфраструктура“, Јавното претпријатие за државни патишта, како и Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта, познато како „Македонија пат“, периодов се мета на проверка од скопските обвинители.
Овие три институции изминатите десетина дена беа опфатени во извештаите на Државниот завод за ревизија.
Извештаите за споменатите јавни претпријатија се распоредени во Основното јавно обвинителство Скопје, каде веќе се оформени предмети.
Проверките треба да покажат дали таму има основ да се отвори евентуална истрага во иднина или, пак, нема елементи за некакво кривично дело.