Изборните ветувања и нивната застапеност или незастапеност во владината програма ги спротивставија пратениците од власта и од опозицијата.
СДСМ ја обвини ВМРО-ДПМНЕ дека ги заборавила своите популистички завети, со кои го манипулирала народот пред гласањето: „никогаш северна“ и „нема уставни промени под бугарски диктат“. Власта смета дека СДСМ, како партија која го смени името на државата, иако се колнеше во спротивното, воопшто не треба да говори на оваа тема.
По прашањето кој е горд и на што, Весна Бендевска го праша пратеникот со повеќегодишен стаж Горан Мисовски – кога бил најгорд: кога гласал за промена на името, за францускиот предлог или за измените на Кривичниот законик.
Мисовски ја потсети дека со 16 пораки токму од него барала поддршка за членство во Комисијата за заштита од дискриминација. Но, и на заедничките опозициски години и посебно на 2012-та кога беа исфрлени од собраниската сала по наредба на ВМРО-ДПМНЕ. Од сегашната власт побара да го одбере вистинскиот пат за државата – европскиот.
Пратениците од власта ја обвинија опозицијата дека заложбите за ЕУ им биле само декларативни и најавија евроинтеграции како еден од главните столбови на владината програма за наредните четири години.
Соња Николовска