Македонија Најважни

Како да не пораснат сметките за граѓаните, ако набавната цена на струјата се зголемува?

Единствен начин сметките за граѓаните да не се зголемат во услови кога набавната цена на струјата расте, е со закон да се намали профитот на ЕВН, вели професор Константин Димитров. Сепак, тоа би било краткорочно решение. На крај клучот за цената на струјата е во државниот производител ЕСМ, кој мора да почне да произведува поевтина струја.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и иден премиер Христијан Мицкоски вчера поднесе предлог измени на законот за енергетика со кои, како што рече, нема да дозволи покачување на цената на струјата за домаќинствата.

Сепак, неизвесно е како тоа ќе го постигне. Текстот на измените не се јавно објавени. Мицкоски рече дека со законот ќе ја намали маржата на ЕВН Хоум од 11 на 9,9 отсто, но таа маржа Австријците ја понудија уште во февруари на тендерот за избор на универзален снабдувач со што успеаја да бидат избрани и во следните шест години да ги снабдуваат домаќинствата и малите потрошувачи.

Досега сметките за струја за граѓаните се одржуваа така што ЕСМ правеше загуби, односно продаваше поевтина струја од производствената.

Професор Константин Димитров вели дека четирите фирми на ЕВН во Македонија прават годишен профит од 70 милиони евра, и оти тие ќе мора да понесат дел од товарот за да не пораснат сметките за граѓаните.

„Со тој закон ќе биде ограничено покачувањето на цената. Второто прашање е од каде ќе бидат обезбедени средствата за да бидат сите задоволни. Сите четири компании на ЕВН заеднички имаат добивка од  70 милиони евра годишно и за да го обезбедат тој приход ќе треба да да земат од граѓаните е навистина некоректно. Ете, тој е едниот пат, едната насока, каде што според мене направиле пропуст во Регулаторната комисија. Значи, новата влада треба да реагира, незгодно е уште не почнале со владеење, а им ја зголемуваат електричната енергија на граѓаните е многу непопуларно и верувам дека со тој закон ќе се постигне. И на крај може да се најде начин сите да бидат задоволни, а некој да се откаже малку од повисоката провизија и малку од профитот што го остваруваат.” – изјави Константин Димитров, универзитетски професор

Прашање: Значи дека тоа би било на штета на ЕВН?

„Не на штета, тие не се оштетени, само да им се намали приходот“, вели Димитров.

ЕВН Македонија е осма најпрофитабилна компанија во Македонија во 2023 година со ќар од 28 милиони евра, ЕВН Хоум е на 12-тото место со заработка од над 20 милиони евра, Електродистрибуција направила чист ќар од 11 милиони евра, а ЕВН Електрани направиле 9,5 милиони евра заработка.

Сепак, Димитров вели дека ова би било само краткорочно решение. Чарето мора да се бара во ЕСМ кој треба да почне да произведува и повеќе и поевтина струја.

Досега ЕСМ покриваше 100 отсто од потребите за струја за граѓаните и малите потрошувачи по цена од 57 евра за мегаватчас. Сега ЕСМ понуди да задоволи 85 отсто од потребите за 60 евра по мегаватчас. Останатите 15 отсто ЕВН Хоум треба да ги набави на тендер, кој вчера пропадна откако им беше понудена 2,5 пати поскапа струја. Првиот регулатор Марко Бислимоски рече дека со овие цени на струјата, сметките на граѓаните може да пораснат за 10 до 15 отсто.

Срѓан Стојанчов

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Mерките и активностите на надлежните државни институции не се доволно ефикасни и ефективни за вклучување на жените од руралните средини на пазарот на труд

Дејан Дејан

Башким Бесими е нов заменик претседател на Советот на јавните обвинители, истрагата за неговиот претходник Мемети и врховнот судија Георгиев е на крај

Дејан Дејан

Јавните служби и установи, УЈП и извршителите, најголема главоболка за граѓаните

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе