Новата влада сепак ќе има прв вицеперемиер. Изет Маџити од „Вреди“ ќе седне во фотелјата на Артан Груби, што тој денеска лично го потврди, притоа ветувајќи дека нема да игра фудбал во кабинетот, да носи куфери пред јавни институции и да се занимава со бизнисите на „Лотарија“ и „Соравија“.
- „Точно е дека оваа, како и сите други работи, не била од страна на ДУИ регулирана до крај. Значи во Законот за влада не стои, но во Деловникот има прв вицепремиер. И сега, врз основа на Деловникот и врз основа на договорот за идната влада, јас ќе бидам првиот вицепремиер“, изјави денеска Изет Меџити, иден вицепремиер задолжен за секторот животна средина од коалиција „Вреди“.
Со ова изјава Меџити го демантираше потпретседелот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски, кој ќе биде и иден заменик-претседател на Владата и министер за транспорт и врски, а кој пред само два денаво во интервју за Топ Тема на Телма изјави дека функцијата прв вицепремиер се укинува.
Николовски во Топ Тема на прашањето зошто останува функцијата прв вицепремиер, кратко одговори: „Не останува“.
- „Јас и на ваши колеги новинари се јавував да објаснувам, нема да има таква работа“, изјави Николовски во Топ Тема.
На прашањето дали ќе биде избришан прв вицепремиер од Деловникот, Николовски одговори со: „Да“.
За Изет Меџити тој рече дека ќе биде заменик-претседател на влада, како што ќе биде и тој.
Меџити контра Николовски денеска изјави дека договор за прв вицепремиер бил постигнат со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
- „Имаме договор со идиниот премиер, мандатарот, г-динот Мицкоски дека ’Вреди’ ќе имаат прв вицепремиер, како што ќе има и вицепремиер за добро владеење“, вели Меџити.
Од идниот прв вицепремиер и министер за животна средина денеска стигна и едно дообјаснување на програмата на идната влада, но и за изјавата на мандатарот Мицкоски, од пред два дена, за укинувањето на балансерот.
- „Соодветно на скрининг процесот кој што е веќе направен укинувањето на Балансерот е препорака на ЕУ. Вие сакате да одиме во Европската унија или не сакате? И ако тие велат дека треба да се укине, тогаш што ни преостанува од тоа. Не ни преостанува ништо друго освен да работиме согласно препораките кои што доѓаат од самата ЕУ“, изјави Мицкоски пред два дена.
- „Значи стои дека ќе се укине механизмот за Балансер, којшто за волја на вистината не беше во својата функција. Така што се согласуваме дека како механизам не е доволно и дека треба да се регулира законски. Значи не се укинува туку ќе се уреди со закон и тоа ќе биде законска обврска, правичната застапеност на сите“, изјави Меџити.
Меџити кој денеска својата идна програма како вицепремиер задолжен за ресорот животна средина во идната влада, јавно ја презентираше, заедно со другите министри од редовите на „Вреди“, за тоа зошто клучните предизборни барања на коалицијата „Вреди“ ги нема во владината програма – како прашањето за албанскиот јазик, за избор на претседател во Собранието, државните акции – одговори дека има работи кои не се таксативно наведени во програмата, но оти тие ќе работат на нивно исполнување во идните четири години.
Освен Меџити на јавноста своите програми за работа ги претставија и останатите четворица министри и вицепремиер од редовите на „Вреди“ – Арбен Таравари, како иден министер за здравство, Фатмир Лимаи, иден министер за социјална политика, демографија и млади, Орхан Муртезани, иден министер за европски прашања, министер за економија и труд Бесар Дурмиши и Арбен Фетаи како иден вицепремиер за добро владеење.
Иако денешниот настан на презентацијата на идните владини функционери на „Вреди“ и нивните програми, се одвиваше и на македонски и на албански јазик, троца од идните министри одбраа да говорат само на албански.
Тамара Грнчароска