Вести Најважни Свет

Словачкиот писател Јурај Цинтула е осомничен за обидот за атентат врз Фицо – бил горд на чинот, го направил поради несогласување со владините политики

Стабилна, но сериозна е описот за состојбата на словачкиот премиер Роберт Фицо по обидот за атентат, потврдија официјални претставници на владата во Братислава. По вчерашната петчасовна операција, тој е на одделот за интензивно лекување во болницата Рузвелт во Банска Бистица и неговото закрепнување се следи од два лекарски тима.

Владини претставници соопштија дека кон Фицо биле истрелани пет куршуми за време на вчерашниот напад во Хандлова. Напаѓачот бил веднаш приведен од обезбедувањето и одреден му е притвор. Според словачкиот министер за внатрешни работи, првичната истрага упатува на јасна политичка мотивација за обидот за атентат.

Осомничен за атентатот врз Фицо е Јурај Цинтула, 71-годишен словачки писател. Тој по приведувањето рекол дека е горд на чинот, а како мотив навел несогласување со политиките на владата. Полицијата го обвини за обид за убиство со предумисла, дело за кое е пропишана казна од 25 години до доживотен затвор.

Словаците се во шок по вчерашниот обид за атентат врз Фицо. Многумина го оценуваат како напад врз демократијата во земјата чие општество во голема мера е поларизирано меѓу истокот и западот.

Фицо долго време важеше за политичка фигура која предизвикува поделби во Словачка и пошироко. Неговото враќање на власт лани, со проруски и антиамерикански порака, доведе до уште поголема загриженост кај земјите членки на Европската унија дека тој ќе ја води својата земја подалеку од западниот мејнстрим.

Роберт Фицо е политичар со најдолг стаж на премиерската функција во словачката историја, извршувајќи ја вкупно 10 години во три претходни мандати. Тој по изборите минатата година го доби четвртиот мандат, по речиси 5 години поминати во опозиција, ветувајќи им на Словаците дека ќе ја запре воената помош за Украина.

Сашко Димовски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Пожарите се приближуваат до Бордо, евакуирани стотици илјади луѓе

Kristina Kuzmanovski

Забрана за пиење вода во Булачани, СДСМ бара итни анализи

Kristina Kuzmanovski

Ребаланс на буџетот: Дефицит над 750 милиони евра

Kristina Kuzmanovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе