Вести Македонија Топ вести

Агим Красниќи, брат му и уште двајца од кондовската група на меѓународна потерница – МВР доби известување од косовската полиција

Агим Красниќи, Бесим Красниќи, Сехат Рамадани и Фадиљ Точи се уапсени во Урошевац. Македонското Министерство за внатрешни работи (МВР) добило известување од косовските колеги. Телма уште вчера објави дека четворица македонски државјани, кои ги уапси косовската полиција, се браќата Красниќи и нивните соработници од кондовската група која пред, речиси, две децении беше страв и трепет во Скопско.

На веб страницата на македонското МВР, во делот за потраги, објавени се меѓународни потерници за сите четворица. Красниќи и Рамадани се во бегство од февруари во 2020 година, кога не се вратија во штипскиот затвор по слободен викенд, иако имаа да издржат уште околу три години од вкупно 15 години затвор. Бесим Красниќи, брат на Афим, пак, се бара за издржување на вкупно 28 и пол години затвор за серија на кривични дела, Фадиљ Точи треба да издржи 41 година и 7 месеци за 10 кривични длеа.

Четворицата се во 48-часовен притвор во Косово, а кои ќе бидат следните чекори на македонските институции ќе се знае во наредните денови. Кривичниот суд треба да покрене барање за екстрадиција, откако ќе добие официјално известување. Една од можните пречки за нивно испорачување е тоа што во Косово се осомничени за учество во тепачка, а Красниќи и за убиство во обид, насилство кое се случило во октомври минатата година во кафеана во Урошевац.

„На 03.05.2024 година околу 23:43 часот, полициски екипи на Единицата за брз одговор и Единицата за наркотици на улица „Астрит Битиќи“ во Урошевац сопреле автомобил „ауди“ со регистарски ознаки на Северна Македонија. При легитимирање на лицата и претрес на автомобилот, пронајдени се три огнени оружја и количина муниција. Додека четири лица се спроведени во полициска станица, поточно во Регионалниот сектор за истраги поради сомнение дека се барани лица, инволвирани во кривични дела, а три од нив приложиле лажни документи за идентификација. При проверка на лицата, констатирано е дека трите лица се осомничени и барани за случајот во Урошевац на 17.10.2023 година“, соопшти полицијата на Косово.

На судскиот портал има објавено две пресуди на Кривичниот суд, каде поврзани со овие четворица бегалци. Во декември во 2014 година, судот пресудил дека заедно со уште шестмина други обвинети се виновни дека заеднички подготвувале извршување на кривично дело „Тероризам“, со намера да ја загрозат безбедноста на Македонија.

„Сериозно се заканиле со предизвикување акт на насилство, со тоа што во месноста „Борови“ пред фортификациски објекти, облечени во воени униформи и вооружени со лесно пешадиско вооружување демонстрирале начин на користење на оружјето и вршеле снимање и набљудување на делови од Скопје, создавајќи чувство на несигурност и страв кај граѓаните“, пишува во пресудата.

Другата е од јануари во 2015 година. Агим Красниќи и Фадиљ Точи заедно со Бесим Красниќи, кој уште тогаш бил во бегство, се првостпено осудени за предизвикување на општа опасност во предизборието во јуни во 2006 година, кога во Општина Сарај со автоматско оружје и со рачен фрлач на гранати, предизвикале значителна опасност за животот и телата на луѓето.

Елена Ивановска Мукоска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ВИДЕО: Невреме во Струга

Дејан Дејан

Обид за физички напад врз претседателката на Уставниот Суд

Дејан Дејан

Крени глас: Со позитивна енергија против врсничкото насилство

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе