Антикорупциската комисија едногласно го усвои приговорот на Гордана Силјановска-Давкова. Ги поддржа сомневањата дека со непрекинувањето на процесот на прием и тестирање на слушатели, Академијата за судии и обвинители ги прекршила изборниот и антикорупцискиот закон.
Приговорот поднесен за непочитување на одредбите од Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси и на Изборниот законик, се усвојува и Државната комисија согласно надлежностите уредени во Законот за спречување корупција ќе преземе мерки и ќе иницира постапка за утврдување одговорност пред надлежните органи, образложи претседателката на ДКСК Татјана Димитровска.
Претседателскиот кандидат Силјановска укажа дека во предизборниот период се ставаат во мирување сите вработувања и тестирања освен оние што имаат итен карактер.
Академијата е единствениот орган, за жал, во државата, што спроведува оглас за вработување на 130 слушатели и со помош на неправни аргументи, туку правни фикции, ја убедува правничката фела, но и граѓаните, дека во Македонија постои т.н. специфичен работен однос, односно некласичен работен однос. Нешто што не постои во ниту една законска одредба, рече претседателскиот кандидат од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова.
Академијата за судии и обвинители тврди дека ова не е класично вработување туку процес кој почнал уште во јануари 2023 и неизвесно е кога ќе заврши и колку слушатели ќе завршат.
Не се работи за класично вработување туку за некој вид социјална мерка или стипендија. Стипенција под наводници. Спомна и Сања. Тоа е за мотивација на кандидатите бидејќи во минатото воопшто не се пријавуваа. Тоа е социјална мерка за да се овозможи на млади луѓе, кои обично се семејни луѓе па да имаат одредени примања. Времето на школување не е мало, 2 години е, да имаат мотивација и да жртвуваат 2 години од својот живот за да доедуцираат, а потоа да станат судии или обвинители, рече директорката на Академијата за судии и обвинители, Наташа Габер-Дамјановска.
Силјановска обвини за политичко влијание. До неа стигнал допис што тоа го потврдува. Академијата уверува дека ДКСК имала увид во работењето.
-Добив допис дека политичар во кампањата оди и вели дека „Ако сакате да бидете судии или јавни обвинители“, тогаш, ветува дека ќе бидете примени на Академијата…
-Еве ќе ви каже членот на ДКСК, изврши надзор над сите документи. Како нема врска? Вие обвинивте дека лица што не исполнуваат услови, со фалсификат дипломи, нешто сте слушнале… Тој оглас за кој имаше сомневања за фалсификат дипломи, имаше сомневања, предмет во ЈО, тој оглас не се спроведе, рече државниот секретар во Академијата, Сања Пандилов.
На нивно барање, два члена на Антикорупциска се изземале од одлучувањето по овој предмет поради судир на интереси. Академијата укажа дека поради слични причини треба да се изземат уште тројца члена, но тоа не беше прифатено. Незадоволна од одлуката, Академијата најави тужба пред Ушравниот суд. Ќе ја поднесе во рок од 24 часа, а Судот треба да одлучи за 48 часа.
Соња Николовска