Витлеем годинава одбележува мрачен Божиќ под завесата на жестоките бомбардирања на Израел врз Газа. Од „плоштадот на јаслите“ денеска беа испратени пораки на палестинските деца до сите деца во светот.
Маријала Зугби ги замоли сите свои врсници да зборуваат за децата од Газа, за кои како што порача „заслужиле да бидат слободни“. Палестинските христијани оваа година одржуваат мрачно божиќно бдеание во Витлеем, со химни и молитви за мир во Газа наместо вообичаените прослави.
Вашиот плач е погласен од мојот, иако ние сме истата човечка раса и љубезни. Господи, нека децата во светот ја донесат промената, ослободи нè од таги и смрт , заедно да ја испишеме приказната за победата, со глас за мене и за вас низ историјата, зборувајќи рака под рака. Од реката до морето, децата на Газа заслужуваат да бидат слободни, порача Маријала Зугби, која пренесе дел од пораките на децата од Газа.
Меѓувреме жестоките израелски бомбардира врз Појасот Газа одекнуваат во енклавата со несмален интензитет. Повредени палестинци постојано се носат во болницата Насер на Кан Јунис во јужниот дел од земјата.
Во израелски напад во текот на ноќта погоден бил објект на бегалски камп при што најмалку две лица го загубиле животот, а повеќемина се повредени. Министерството за здравство во Газа синоќа соопшти дека во изминатите 24 часа загинале 201 лице.
Израелски борбени авиони ја погодија куќата на Омар Абу Ел-Оуф во 02:00 часот, а целата област се разбуди од звукот на ударот. Истрчавме да видиме што се случи и го видовме уништувањето што го гледате. Овде спасивме тројца повредени од куќата на мојот вујко, а извлечени се двајца маченици, раскажува соседот Ашраф Абу Еиса.
Ме спасија од под урнатините за да ме однесат во болницата Абу Јусеф Ал-Насар. Таму ме лечеа, Господ нека ги чува. Тоа е уништување, децата врескаа, психичкото здравје на децата е нарушено, повредените беа на улица. Јас и уште три други деца беа извадени од под урнатините, имаше и една повредена жена, вели Ислам Кулаб.
Американскиот претседател Џо Бајден вчера разговараше со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, нарекувајќи го долг и приватен разговор по кој нагласи дека од Нетанјаху не побарал прекин на огнот.
Синоќа разговарав повторно со претседателот Бајден. Го ценам цврстиот став на САД во Советот за безбедност, позиција што ги поддржува нашите воени напори. Вчера му кажав на претседателот Бајден дека ќе се бориме до апсолутна победа – колку и да е потребно. САД го разбираат ова, изјави премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху.
Изминатите два дена во Газа загинаа и 14 израелски војници, соопшти утрово израелската војска. Зголемениот биланс на загинати меѓу израелските војници веројатно ќе игра важен фактор за израелската јавна поддршка за војната.
Сепак израелците сè уште стојат цврсто зад наведените цели меѓу кои и целосно уништување на владејачките и воените капацитети на Хамас и ослободување на преостанатите 129 заробеници.
Александар Петрески
