Убиството на Вања се уште не е целосно расветлено, но за него има и амбасадорски коментар од првата дипломатка на САД во државата, Анџела Агелер.
Амбасадорката во интервју за Канал 77 вели дека станува збор за трагедија предизвикана од системот кој не реагирал да ги казни нејзините убијци кои имале извршено претходно криминални насилни дела.
Институциите да се погледнат и општеството да не дозволи да се повтори грешка во која жртва е 14-годишно девојче, порача таа.
-Системот не успеа да и помогне на таа млада девојка. Се работи за криминалци за кои се знаело дека се криминалци, дека се насилни и не се во затвор. Не биле претходно апсени и затворени. Не биле апсени и гонети за нивните претходни злосторства, не морале да ја платат таа цена, па цената ја плати една млада девојка. Вања ја плати цената, рече Агелер.
-Време е институциите во земјава да фрлат еден безмилосен поглед на себе и да се прашаат: Што можевме да сториме за да ја спасиме оваа млада девојка и сите други деца во земјава? Зошто дозволуваме криминалците слободно да се движат и да вршат злодела врз кого било во државата? Ова е трагедија. И се надевам, се молам дека оваа држава, институциите и државните претставници ќе се погледнат и ќе се прашаат. Што треба да направиме сега за да обезбедиме дека вакво нешто никогаш повеќе нема да се случи., изјави американската амбасадорка во интервју за Канал 77.
Осомничените не се на слобода, но случајот е далеку од целосно расчистување, а не се знае дали вооопшто и кога би бил испорачан првоосомничениот Љупчо Палевски Палчо од Турција. За тој случај Агелер смета дека не треба политизација туку функционален систем.
А системот според амбасадорката овозможува и епидемија на корупција во последните десет години. Таа повтори дека за сите оние кои САД преку своите црни листи ќе ги назначи за корупција и за пропаѓање на правната држава стојат докази, а не чувства.
Како за Мерко така и за Анѓушев кој се жалел на одлуката на Стејт Департментот кој му забрани влез во Америка и нему и на неговото семејстбво, поради корупција извршена во неговиот мандат како вицепремиер.
За поддршката која Заев му ја упати на Анѓушев вели дека поранешниот премиер има право да си поддржи пријател и да си го искаже ставот.
Но, за неа е проблем што иако само оваа година 6 поединци и неколку фирми беа ставени на црна листа, надлежните немаат никаква реакција на тие американски наводи и докази за корупција и за оневозможување на правната држава.
-Иако неодамна беше усвоен закон според кој, ако САД, како и ЕУ и ООН именуваат некого, органите на прогонот и обвинителството тука, како и Управата за финансиското разузнавање ќе почнат со проверка на нивниот имот и дали, или не, имотот треба да биде предмет на конфискација, како и други аспекти. Ние немаме улога на орган на прогон во оваа држава. Но, се надеваме дека информациите кои ги прибравме, кои во најголем дел се од тука, дека ќе има луѓе во органите на прогонот и во правосудството кои ќе работат на тие случаи. И ќе ги повикаат на одговорност тие лица за нивните постапки, рече амбасадорката на САД, во интервју за Канал 77.
Од јуни досега на црната листа завршија единствениот активен функционер, градоначалникот на ДУИ Рамиз Мерко, поранешниот вицепремиер Анѓушев, Орце Камчев, неговата мајка Ратка Камчева и брачната двојка Сергеј и Ирина Самсосненко.
Миомир Серафиновиќ
