Може ли да пропадне потпишувањето на договорот за изградба на реверзибилната хидроелектрана Чебрен? – И премиерот, и вицепремиерот за економски прашања, денеска резервирано одговараа на новинарските прашања за потпишувањето на договорот со грчкиот конзорциум ППЦ Архиродон.
Рокот за потпишување на договорот требаше да истече денеска, но е пролонгиран, зашто Грците поднеле жалба до Министерството за животна средина. Тие не откриваат повеќе информации за жалбата, и најавија повеќе информации за наредните денови.
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вели дека не чул дека е возможно договорот да пропадне, но повикува на носење храбри одлуки.
Секако, ако процедурално, Министерството за животна средина оцени дека не е возможно спроведување на тој проект, нема да се спроведе, но сметам дека за државата е битно денеска, денеска и во ниту еден друг момент да се направат вистинските одлуки, изјави Битиќи.
Дел од медиумите објавија дека грчкиот конзорциум ППЦ Архиродон, кој победи на тендерот за изградба, се пожалил дека условите од одлуката на Владата биле поразлична од она што се барало на тендерот за концесија.
Премиерот Ковачевски вели дека ништо не е менувано, и оти предлог-договорот бил дел од тендерската документација – еднаков за сите учесници.
На добитникот на тендерот е да го потпише договорот, меѓутоа забелешки во однос на самиот договор, којшто бил предмет на тендерска документација, каде што учествувале 9 или 10 компании, практично е невозможно да се имплементира, бидејќи во тој случај – што ќе кажат другите коишто учествувале во тендерот. Така што мора да бидат запазени сите законски регулативи, изјави премиерот Димитар Ковачевски.
Здружението на инженери бараше поништување на договорот, кој според нив е спротивен на македонските интереси. Тие сметаат дека владата треба сама да го изгради и да биде целосно во државна сопственост.
Според тендерската документација, грчката фирма треба да ја изгради хидроцентралата на Црна Река од околу 1 милијарда евра и во наредните 60 години да биде сопственик на две третини од централата. Владата ќе биде сопственик на една третина.
Во наредните 60 години Грците ќе ја добијат и хидроцентралата Тиквеш. После 60 години, тие треба целосно да бидат предадени во сопственост на Македонија.
Во изминатите две децении пропаднаа 13 тендери за изградба на хидроцентралата Чебрен.
Срѓан Стојанчов
