Вести Македонија Најважни

Спасовски: Истрагата ја води обвинителството, споделување на информации со медиумите може да ја компромитира

Дел од отворените прашања околу киднапирањето и смртта на 14-годишната Вања Ѓорчевска ќе останат неодговорени, бидејќи надлежните не сакаат да ја компромитираат истрагата со изнесување на детали во јавноста. Каде Палевски и киднаперите го чувале возилото пред да го употребат на 27 ноември, дали е откриено оружјето со кое се ликвидирани жртвите, дали станува збор за исто оружје ќе остане енигма најверојатно до почетокот на судскиот процес. Министерот Спасовски е дециден дека со отворање на истрагата сите одговори треба да се бараат од обвинителството.

„Со поднесувањето на кривичните пријави, целосната истрага оди во Основното јавно Обвинителство. Сите овие детали се разгледуваат во Основното јавно Обвинителство на основа на прибраните податоци или податоците кои ќе ги прибере Јавното Обвинителството. Не би можел да споделувам повеќе информации и тоа не е добро за истрагата бидејќи не може да ја водиме во медиумите, таа треба да се води во Јавното Обвинителство“, изјави министерот Спасовски.

Дали МВР го има оружјето со кое се извршени убиствата нема потврда.

„Сите тие информации, како и вештачењето, ќе бидат доставени до јавното обвинителство во моментот кога ќе бидат завршени“, рече Спасовски.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ повторно со обвинувања дека МВР, односно министерот Спасовски, ја манипулираат јавноста околу информацијата дали и кога почнале со потрага по возилото на убиениот Жежовски и дека не била регистрирана на камерите на системот „безбеден град“.

 „Како што веќе прашавме, а Спасовски одбива да одговори, дали е точно дека возилото е регистрирано на системот „Безбеден Град” на 24 ноември во 6:30 часот и на 25 ноември во 21:15 часот кај Маџари, денеска ќе потврдиме дека возилото е регистрирано на системот „Безбеден Град” во наведените термини и локација, што укажува на уште една лага на МВР Спасовски“, изјави Ковачки.

Претседателот Стево Пендаровски предупреди дека радикални структури и екстремистички кругови во државата го користат двојното убиство за да ги пласираат своите убедувања кај населението.

„За жал, сè почесто сме сведоци на националистички провокации што доаѓаат од одредени политички и верски кругови, со единствена цел, преку наметнување на својот светоглед да ја нарушат стабилноста на државата и да го минираат демократскиот поредок. Добар дел од овие напади се резултат на пропагандни кампањи од странски центри или на нивна директна инфилтрација и поддршка на радикални политички организации. Неодамнешниот трагичен настан кој заврши со двојно грозоморно убиство, на површина го извлече занемарениот факт дека дел од овие радикални структури не само што се активни кај нас, туку и дека нивната политика и говор на омраза можат да резултираат со трагични последици. Затоа сметам дека првенствена задача на сите демократски политички структури е јакнење на отпорноста на институциите и континуирана борба против екстремистите, без дневно политички калкулации“, рече претседателот Пендаровски.

Од обвинителството денеска без информации дали им е доставен целосниот обдукциски наод кој треба да одговори на многу прашања како причина и време на смртта и дали има траги на насилство на телата на жртвите.

Од правда соопштија дека сите потребни документи, преведени, по дипломатски пат се испратени кај турските колеги од кои засега нема никаква повратна инфромација.

Огнен Чанчаревиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Туфегџиќ во „Топ тема“: Завршена е истрагата за таткото на Вања

Дејан Дејан

Прифатени нерегуларностите на изборите за гласачки места во Крушево и Долнени, се одлучува по останатите

Дејан Дејан

Во Шведска зголемена безбедноста на израелските претставништва

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе