Вести Македонија Најважни

На Израелците не им успеа, сега Пуцко Петрол сака да изгради кули кај Алумина

Точно три години откако го купи имотот на поранешната фабрика Алумина во Скопје за 18 милиони евра, односно 24 милиони евра со сите давачки и даноци, Пуцко Петрол сега сака да гради скоро цела населба на местото на поранешната фабрика.

И претходните израелски сопственици планираа да градат станбено-деловен комплекс, но не им успеа.

На повеќе среќа се надева компанијата во сопственост на Асмир Јахоски, син на пратеникот на ДУИ Исмаил Јахоски. Тие си нарачале детален урбанистички план, со кој на местото на поранешната фабрика се предвидува изградба на комплекс од 8 згради, од кои шест меѓу 9 и 14 ката, и две кули од 25 и 35 ката, односно 108 метри.

Предложениот план до 15 декември е на јавна анкета.

Граѓаните и независните советници во Општина Карпош стравуваат дека ако планот се изгласа, ќе нема каде да се помине. Според нив, понуденото решение не е во интерес на граѓаните, туку на инвеститорот. Ни е предвидена градинка, ни училиште, велат тие.

„Нема веќе простор да се приберат и постојните жители, камоли новите жители, од 8000, не знам колку би биле деца, се правеа некакви пресметки, не сакам да играм со бројки, но воопшто не се размислува за хуманиот аспект. Тука се размислува само за инвестицијата на сопственикот на плацот. Никогаш не сме сметале како Независни, затоа сме во советот, дека основен импакт за носење на детални урбанистички планови треба да биде профитот и интересите на тој што гради. Пред сè се интересите на хумано живеење“, вели Татјана Стојановска, независна советничка во Општина Карпош.

Граѓанските иницијативи реагираат дека визуелизациите не одговараат на планот, и оти целиот простор може да се изгради со 35-катници. Тие исто така реагираат што забелешки на планот може да дадат само жители на кои се однесува овој план, а не и нивните соседи, иако евентуалната изградба ќе влијае и на нивниот живот. Тие што живеат северно од планираните кули, нема сонце да видат, велат тие.

Општина Карпош во 2016 година донесе Детален урбанистички план за целата четврт – од улицата Московска кај пазарчето во Тафталиџе до булеварот 8 Септември, и од булеварот Теодосиј Гологанов до булевар Партизански одреди. Тој план во 2018 година беше укинат од Уставниот суд. Сега, наместо детален урбанистички план за целата четврт, се прават мали планови за поединечни блокови. Граѓаните што живеат во околните бараки реагираат дека со овој план се намалува катноста на нивните парцели, а на Пуцко Петрол му се овозможуваат повисоки објекти.

Пуцко Петрол го купи земјиштето од околу 42 илјади метри квадратни во декември 2020 година, од израелската компанија Газит Глоуб. Според тогашните најави, инвестицијата која би се случила на овој простор, се проценува на 150 милиони евра.

Израелците, преку својата македонска компанија Г-Македонија го купија земјиштето на Алумина во 2008. Тие најавуваа дека планираат да инвестираат 100 милиони евра во резиденцијално – комерцијален центар, кој треба да содржи и луксузен хотел и деловни згради. Но, таа инвестиција не се реализираше, а нивната компанија згасна.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Пожарите се приближуваат до Бордо, евакуирани стотици илјади луѓе

Kristina Kuzmanovski

Забрана за пиење вода во Булачани, СДСМ бара итни анализи

Kristina Kuzmanovski

Ребаланс на буџетот: Дефицит над 750 милиони евра

Kristina Kuzmanovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе