Македонија е домаќин на 30-от Министерски совет на Организацијата за безбедност и соработка на Европа – ОБСЕ на кој учествуваат над 1000 делегати од 57 земји членки на организацијата и партнери.
Претседавачот со ОБСЕ, Бујар Османи, утринава прими министри за надворешни работи, шефови на делегации и други делегати на високо ниво на официјалното отворање на Министерскиот совет што се одржува во Скопје.
Очекуваме низа продуктивни дискусии и состаноци напиша Османи на ИКС пред почетокот на пленарната седница.
Зборувајќи за влијанието на руската воена агресија, Османи потенцираше дека покрај тоа што разорната сила на војната пред сè ги уништи животите на илјадници граѓани и суверената територија на Украина, таа има и негативен ефект врз ОБСЕ и нејзината главна задача – да претставува платформа за дијалог која нуди решенија за безбедносните предизвици.
- „И покрај мрачната реалност на војната со која се соочува Украина и другите долготрајни конфликти во поширокиот регион на ОБСЕ, мултилатерализмот останува најдобрата алатка за спречување конфликти и надминување на разликите и споровите. ОБСЕ, како најголема регионална безбедносна организација во светот, е препознаена и ценета како потребен и сигурен партнер за мир и стабилност“, рече Османи.
Генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Шмид при денешното обраќање на министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје порача дека организацијата е неопходна во безбедносна структура на светот.
- „Оваа организација има клучни инструменти во безбедноста. Станува релевантна и за безбедноста во Евроазија, тука седнувајќи ги на иста маса различните страни. ОБСЕ е можна сила за промена за многу граѓани во регионот на ОБСЕ. Навистина за луѓето се работи. Со ваша поддршка ОБСЕ може да даде особен придонес за подобра иднина“, рече Шмид.
Таа посочи и дека и понатаму ОБСЕ ќе бара поддршка во Украина, како и поддршка за демократските институции во земјите членки на организацијата. ОБСЕ и понатаму ќе биде посветена на деминирање и борба против трговија со луѓе.
Далиборка Демјанска се јави во Вестите на Телма во 12.30