Вести Емисии Код Македонија

За багателни цени распродаден државниот имот на Шик Јелак на контроверзниот бизнисмен Дака

Дака платил за 4 пати пониски цени за објектите во државна сопственост по стечајот на поранешниот гигант Шик Јелак, ако се спореди процената вредност со продажната цена на имотот. Се менувал најпрвин ГУПот од индустриска во зона за домување, а со новиот ДУП се вцртале згради и трговски центри за да се задоволат бизнис интересите на Дака. Но, Дака направил една грешка. Не платил данок на промет на недвижности и сега сметката на неговата фирма Јелак градба е блокирана од новата локална власт. 

Распродажба. Но, не на Black Friday, туку на државен имот.  Само името на влезот на Шик Јелак говори дека тука некогаш имало индустриски гигант, а можноста да приграби од импозантниот простор ја добил поцрнетиот бизнисмен на американската листа Миодраг Давидовиќ Дака.

Апетитите за проширување на бизнисот на македонско тло не му застанале, туку се префрлиле на нов фронт. Во Тетово.

За таа цел ја формирал фирмата која потсетува на гигантот. Јелак градба била формирана во 2016 со адреса во градот под Шар планина.  Имала амбициозни планови во Тетово. Изградба на згради и трговски центри.

Првиот чекор за реализација на плановите на Дака за урбанизација на просторот на Шик Јелак  настапил во 2017 година, кога општината под водство на Теута Арифи од ДУИ го менува ГУПот од индустриска зона во зона за домување.

„Појдовна планерска небулоза за овој опфат е сторена со таканаречена измена и дополнување на ГУПот од 2003 година за Тетово која што е донесената за време на претходната локална власт“, вели архитектот Бошко Видоески.

Постапката, според него, е спорна од три аспекти. Се прави измена на ГУП стар 14 години. Потоа е погрешно да се менува само делот кој го опфаќа просторот на Шик Јелак. Трет се менува ГУПот без никакво образложение.

„Во планот не гледаме никакви аргументации за таквата пренамена и ова отвора сомнеж, бидејќи земјиште кое до тогаш е во доминантна државна сопственост станува атрактивно за различни страни“, додава Видоески.

Но, шансата Дака да стигне до поголемиот имот, ќе дојде неколку години подоцна кога на власт се СДСМ и ДУИ. Тоа го потврдува и аудио снимката по која Дака стана актуелен во земјава. Неговиот разговор  со Зоран Милески-Кичеец на средината на 2020 година ја покажува инволвираноста во бизнисите на Дака на поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски.

„И јас дури сега да дознаам од Рашковски дека треба дури сега да вршат процена на ШИК Јелак, после три години?“, му вели Дака на Кичеец.

Владата при крајот на 2018 и во 2019 година дава согласност за продажба на имотот што го поседуваат државните институции. Тогаш на сцена стапува Јелак градба кога купува објекти кои по завршувањето на стечајната постапка на Шик Јелак завршуваат во рацете на Министерството за финансии, Агенција за вработување, Фондот за здравствено осигурување, Фондот за пензиско осигурување, Македонски шуми.

До тогаш Јелак градба има само еден објект од 5672 квадрати кој го купила од физичко лице.

Од документите до кои дојде КОД пресметавме дека државните институции заедно со Триглав осигурување и продале на Јелак градба десет објекти со површина од 12.221 квадрат.

Четири пати пониски цени за Дака

Државниот имот бил продаден по багателни цени. Ако се спореди процената вредност со продажната цена.

На пример објект од 198 квадрати на Фондот за здравствено осигурување бил процент на 122 илјади евра, а бил продаден за 34 илјади евра. 

За друг објект на фондот од 2359 квадрати проценет на речиси милион и пол евра, продаден за 400 илјади. 

Министерството за финансии имало објект од 5021 квадрат. Иако проценет на над 3 милион евра, Дака станал сопственик за околу 730 илјади евра.

Агенцијата за вработување за објект од 165 квадрати наплатила околу 24 илјади евра, иако вредел 100 илјади.

Ист е случајот и со другите објекти. Ниту еден не бил платен според проценетата вредност.

Името на Јелак градба стои на имотниот лист 102979, кој покажува дека дел од просторот на гигантот се уште припаѓа на УЈП и ПИОМ. Но, извори за КОД велат дека Дака се обидел да дојде и до овој имот, но договорот не е реализиран бидејќи парите за продажба не се исплатени.

Пари од оф-шор рајот Панама

Потеклото на капиталот искористен за купување на државниот имот е странски. Но, не од било каде. Илјадници километри подалеку од земјава и од Црна гора каде се матичните бизниси на Дака.

Сопственик на Јелак градба открива од каде потекнуваат парите. До ден денес е истата фирма. Адастра груп од Панама, која важи за даночен рај. Но, овде сопственикот не е скриен како што е случајот најчесто со оф шор фирмите. Името на Дака е впишано како управител.

Даночните раеви како Панама се користат за избегнување на даноците во други држави, но и за криење на пари од криминални активности

За формирање на Јелак градба била уплатена основната главнина од 5000 евра. А еден месец подоцна во март 2016 година биле уплатени големите пари. Два милиони евра со потписот на Дака легнале на сметката на фирмата, според документите на Централен регистар. По налог на Адастра и по барање на банка во Ниш, преку банка во Париз стигнале на сметката на Јелак.

Поматени плановите на Дака

Откако посакуваниот имот бил обезбеден следело остварување на визијата. Преточена во ДУПот за Урбан блок 57(57а). Донесен по само еден ден по формирањето на старо-новата влада на СДСМ и ДУИ. Арифи уште е во фотелјата на градот, кој аминувал изградба на 27 станбени згради високи до 7 ката и четири големи трговски единици на имотот на „Шик Јелак“.

„Овој ДУП е чист криминал и е многу штетен за граѓаните на Тетово. Самиот по себе е донесен во време на Теута Арифи и мандатот на СДС и ДУИ како локална власт. Сите ги слушнавме разговорите со бизнисменот Миодраг Давидовиќ Дака кој е на црната листа на САД“, вели Анита Бошкоска-Јованоска, советничка во општина Тетово од ВМРО-ДПМНЕ.

Работите нема да тргнат во посакуваниот правец за Дака. На патот ќе му застане новата локална власт, предводена од градоначалникот Биљал Касами од опозициската партија Беса. Ќе се изработи нов урбанистички план откако ќе биде суспендиран стариот поради тоа што бил штетен за јавниот интерес. Олеснителна околност ќе биде и тоа што Дака само ги поседува објектите, но не и земјиштето под нив кое се уште е државно.

„Тој ги купил зградите. Не е купено земјиштето под нив. Тоа било предвидено во следната фаза. Ги сопревме сите тие за нас сомнителни криминални дејанија и веќе беше блокирана целата процедура. Земјиштето останува државно. Тоа ни беше олеснителна околност во делот на носење на новиот ДУП“,  информира градоначалникот на Тетово, Биљал Касами.  

Од прва рака Дака бил информиран за измените на ДУПот. Бизнисменот заедно со неговиот адвокат затропал на вратата на градскиот татко и имал средба со Касами во неговата канцеларија. Но, сега комуникацијата е прекината, бидејќи неговото име се најде на црната листа на САД.

„Иако самата комуникација беше тешка и проблематична и не беше убаво чувството да се комуницира со таков човек . но, од моментот кога се објави црната листа ги прекинавме сите комуникации со него. Тоа што нашите институциите не успеваат да ги заштитат граѓаните од вакви сомнителни инвеститори тоа го прават нашите партнерски држави како САД“, додава Касами.

А адвокат на Дака е едно познато лице. Поранешниот градоначалник  на Скопје, Петре Шилегов од редовите на СДСМ, кој се врати на својата првобитна професија по функционерската.

Новиот ДУП предвидува зелена површина, училиште, пошироки улици и тротоари. Но и помалку згради. Сега се 22 две на број и минус еден трговски центар.

„Ние се стремиме кон суспензија на секој нареден ДУП кој е штетен за градот Тетово. Во изградбата на сегашниот ДУП предвидени се 7 висококатници помалку. Предвидени се зелени површини согласно Законот за градба. Обезбеден е паркинг простор. Детски игралишта и образовни установи“,  посочува советничката Бошкоска-Јованоска.

Ни, со ова решение не е задоволен архитектот Видоески кој е дел и од иницијативата Тетово сака парк. За него новиот ДУП е помалото зло.

„За волја на вистината нацртот на новиот ДУП е подобар од претходниот ви веќе суспендираниот. Меѓутоа триумфализмот со кој го промовира општината новиот ДУП како одличен и многу хуман е непотребно, бидејќи повторно имаме зголемување на бројот на население за цели 5000 нови жители и дискутабилно е дали инфраструктурата ќе може тоа да го издржи“, смета архитектот Видоески.

За градоначалникот разликата е голема. Претходниот бил класично бетонизирање на градот, а новиот е направен по анализа на експерти и стручно мислење и просторот е хуманизиран.

„ Цениме дека тој блок е хуманизиран затоа што површините за домување се намалени за околу 30 отсто. Тоа ни беше и целта новите урбанистички планови да бидат модел како да се прошири градот“, вели Касами.

Маките на Дака не завршуваат само со новиот ДУП. Направил една грешка. Не го платил данокот на промет на недвижности, па општината ја блокирала сметката на Јелак градба и тоа може да резултира со поголеми последици.

„До март 2022 година должи на општина Тетово околу 244 илјади евра. Со новата ситуација ќе продолжиме со процедурите во делот на конфискација ако дозволи законот на дел од имотот со тоа што ќе гои вратиме во сопственост на општината“ додава Касами.

А како што додава Касами чувството не е убаво во градот да имате инвеститор, кој е на црната листа и таму јасно стои за каков човек се работи, а граѓаните на Тетово треба да се заштитат од такви проблематични инвестиции преку криминален капитал.

По јавната анкета новиот ДУП ќе биде испратен на адресата на Министерството за транспорт и врски кое треба да го одобри, а Дака и да успее да извојува победа, таа ќе биде пирова.

Марија Митевска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ВИДЕО: Што мислат за истополовите бракови, дали црквата треба да плаќа данок и колку партиските лидери им се шефови и им „бркаат“ гласови- Пендаровски и Силјановска во Претседателската дебата на Телма

Дејан Дејан

Вин Вин 02.05.2024

Дејан Дејан

Наместо бројки, партиите треба да презентираат политики за економски раст, сметаат економските експерти

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе