Макс Ферстапен славеше на последната сезонска трка во Формула 1 шампионатот што се возеше за Големата награда на Абу Даби. Возачот на Ред Бул титулата ја имаше обезбедено уште од поодамна, но денеска само го продолжи рекордот за најмногу победи во една сезона на дури 19.
Ферстапен својата трета шампионска титула во кариерата ја прослави со нов триумф и тоа пред Шарл Леклер од Ферари и Џорџ Расел од Мерцедес.
Неговиот тимски колега од Ред Бул, Серхио Перез целта ја мина како второпласиран, но доби казна од пет секунди и мораше да се задоволи со четвртото место. По него следуваат двајцата возачи на Мекларен, Ландо Норис и Оскар Пиастри, седми беше Фернандо Алонсо, а најдобрите десет ги комплетираа Јуки Цунода, Луис Хамилтон и Ленс Строл.
Ферстапен со 19-та победа од вкупно 22 трки само го продолжи рекордот за најмногу триумфи во една сезона. Тој воедно се искачи и на третото место на вечната листа на возачи со најмногу победи, бидејќи сега има 54. Пред него се само Михаел Шумахер со 91 и Луис Хамилтон со 103 победи.
Оваа 2023 година беше најдоминантна на Ред Бул во историјата со оглед дека тимот славеше на вкупно 21 трка. Освен 19-те победи на Ферстапен, два пати се радуваше и неговиот тимски колега Перез, а единствената победа од останатите тимови ја оствари Карлос Сајнц од Ферари.
Следната сезона стартува на 2 март со трката за Големата награда на Бахреин.