Над 7,2 милиони евра е најголемата заработка минатата година. Ја остварил скопјанец. Меѓу десеттемина луѓе со највисоки бруто приходи во 2022 година има седуммина скопјани и по еден тетовец, штипјанец и битолчанец.
Најголема плата минатата година била скоро 2,4 милиони евра, односно по околу 200.000 евра месечно. Ја добивал скопјанец кој работи во трговијата на големо со тутунски производи. Најголемите плати биле исплатени во болници, трговија на големо со фармацевтски производи, производство на метални производи, аптеки, винарии, управувачки дејности и компјутерско програмирање.
Од десетте луѓе со најголеми плати, има само еден стружанец, другите се од Скопје.
Најмладите милионери работат со компјутери, најстарите заработуваат од дивиденди.
Минатата година биле поднесени скоро 790.000 даночни пријави. Скоро 80 отсто од тие луѓе заработиле меѓу 100.000 и еден милион денари годишно.
Само 28 луѓе минатата година заработиле над 100 милиони денари, односно над 1,6 милиони евра, а над 1.000 луѓе лани заработиле над 160.000 евра.
УЈП посебно ќе ги чешла фирмите во сопственост на луѓето со големи приходи поради сомнежи дека избегнувале плаќање данок.
Највисоката пензија во земјава е странска и е скоро 8.000 евра месечно. Ја добивал жител на Скопје. Најмладиот со над милион денари е деветгодишно дете кое ги заработило парите од кирии, а најстариот е 97-годишен пензионер, кој заработил 1,2 милиони денари од пензии и за извршена работа.
Срѓан Стојанчов
