Вести Македонија

Ковачевски и Заев заедно на Бихаќка

„СДСМ е обединет! И на претседателските и на парламентарните избори – иде Дунав!“ Вака, во кумановски жаргон, пратеникот Мартин Костовски, на социјалните мрежи ја соопшти веста за стратешкото помирување меѓу сегашниот и поранешниот лидер на СДСМ.

Димитар Ковачевски и Зоран Заев демонстрираат заедништво седнати еден до друг во партиското седиште,  расположени и насмеани како во златните времиња. Ковачевски порача дека „СДСМ има долгогодишно државничко и партиско искуство, посветеност и енергија да продолжи со победа и брз чекор по европскиот пат“.

Денешниот координативен состанок на стратешкиот тим е во оваа насока – да направиме се, да овозможиме целосен државен и национален консензус за исполнување на определбата на огромното мнозинство граѓани, да станеме полноправна европска држава до 2030-та година, напиша на ФБ претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски.

Со исти фотографии и сличен текст, се огласи и Заев.

Членството во ЕУ сега се чини најдостижно. На тој пат, ние социјалдемократите, имаме државничка одговорност да преземаме храбри и одлучни чекори. Демократскиот блок не исклучува, тој здружува.Тоа е единствената и проверена формула за нов македонски успех, напиша на ФБ поранешниот претседател на партијата Зоран Заев.

И партијата ја проследи веста со фотографии на кои се и министерот Оливер Спасовски, генералниот секретар Миле Зечевиќ, организацискиот секретар Митко Трајчулески, шефот на премиерскиот кабинет Мартин Попов и Игор Ивановски од Советот за креирање политики.

Состанокот се одржува во период кога партиите засилено се подготвуваат за изборите в година. Јавната пресметка меѓу актуелниот и поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ беше зачинета со шпекулации подгреани во Будимпешта за разговори меѓу Заев и Мицкоски за заедничко владеење на двете партии и за исклучување на ДУИ од власта. Од друга страна, кругови блиски на СДСМ говорат за искористување на „преговарачките вештини на Заев“, во ситуација кога новите уставни измени и двотретинското мнозинство се чинат невозможни.

СДСМ настојува да го претстави единството како еден од своите адути. Имаат намера во следните чекори да ги вклучат во актуелните политики и другите поранешни партиски функционери.

Соња Николовска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Пронајдена и втората црна кутија од авионот на „Ер Индија“ што се урна во Ахмедабад

Дејан Дејан

На „Табановце“ и „Богородица“ се чека половина час за влез и излез од државата

Дејан Дејан

Во Скопје се одржа протест за кучето Феликс

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе