Вести Најважни Свет

Бројот на загинати во земјотресот во Мароко надмина 2.000, неизвесни спасувачките напори во отсечените планински села

Бројот на загинати во катастрофалниот земјотрес што го погоди Мароко во петокот пред полноќ достигна 2.012 лица, додека најмалку уште 2.059 луѓе се повредени, од кои 1.404 се во критична состојба, соопшти мароканското Министерството за внатрешни работи.

Продолжуваат спасувачките напори да се најдат преживеани под урнатините. Се стравува дека бројот на жртвите може да се зголеми во наредните денови, јавува Би Би СИ, повикувајќи се на поранешен висок владин функционер на Мароко Околу 300.000 луѓе се погодени во Маракеш и околината, соопштија Обединетите Нации

Епицентарот на земјотресот со јачина од 6,8 степени според Рихтер во петокот беше во близина на градот Игил во провинцијата Ал Хауз, на околу 70 километри јужно од Маракеш, дел од планинската провинција Ал Хауз на Високиот Атлас. Оваа област претрпе и најмногу штета во земјотресот, при што има извештаи за срамнети со земја цели села.

Земјотресот бил почувствуван и во главниот град Рабат, Казабланка, Агаир и Есауира. Голем дел од луѓето од погодените области ноќта ја минаа на отворено, стравувајќи од нов земјотрес. Зачерашниот земјотрес е најголемиот што ја погодил оваа северноафриканска земја во последните 120 години.

Оддалечените села се главно отсечени од светот, се уште без електрична енергија и мобилни телефони. Се уште траат напорите на спасувачките екипи да стигнат до пооддалечените области, бидејќи многу планински патишта се оштетени или уништени. Меѓународниот Црвен Крст и Црвената Полумесечина апелираше за тешка механизација за расчистување на патиштата во Високиот Атлас.

Ова момче, заедно со својот дедо се единствените преживеани од семејството, кое живеело во планинското село во Високиот Атлас.

Драматични се извештаите на медиумските екипи кои успеале да се пробијат до некои од најпогодените планински села. Се јавува за голем број на жртви во градчето Мулај Брахим.

„Зафаќав вода со кофа кога земјата почна да се тресе. Морав да трчам за безбедност. Ѕидот пукна под столбот и сè падна на земја. Побегнав на патот со моите деца. Кога слушнав дека мојата соседка е заробена под урнатините на нејзината куќа, побрзавме да ја спасиме“.Исмаел Аит Дахман, жител на Сиди Брахим.

„Жал ми е за малото дете што го видов денес. Плачеше затоа што и неговата тетка и нејзината ќерка беа заробени под урнатините. Мораме да бидеме силни за да им помогнеме на овие луѓе. Не можеме да пропаднеме. Мораме да си помагаме“, Мустафа Лаксам, претседател на Фондацијата Лаксам.

Соседот Шпанија веќе испрати воени тимови да помогнат во потрагата и спасувањето на преживеаните по мароканскиот земјотрес. Шпанскиот тим, кој вклучува 56 војници и 4 кучиња, ќе им помогне на Мароканците во потрагата и спасувањето на преживеаните, соопшти Министерството за одбрана на земјата во објава на социјалните мрежи. Своја помош во спасувачки екипи најави и Франција и Чешка.

Порака со сочувство и апел за помош за мароканскиот народ погоден од земјотресот денес упати и папата Франциск:

„Сакам да изразам сочувство до драгиот народ на Мароко, погоден од разорен земјотрес. Се молам за повредените и за оние кои ги загубија животите, толку многу и за нивните семејства. Им благодарам на спасувачите и на сите кои работат на ублажување на маките на луѓето. Нека сечија конкретна помош го поддржи населението во ова трагично време. Ние сме блиски со народот на Мароко“.

Кралот на Мароко, Мохамед Шести прогласи тридневна национална жалост за време на која знамињата на јавните згради ќе бидат спуштени на половина копје.Тој ја задолжи владата да формира министерски комитет за програма за обнова на домовите уништени од земјотресот.

Југослава Дуковска

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(Видео) Страотна сообраќајна несреќа утрово на Партизанска во Влае

Дејан Дејан

Двајца прилепчани носеле 3 килограми марихуана и автомат со рент-а-кар

Дејан Дејан

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе