Дали на тешко болните пациенти на Клиниката за Онкологија им бил даван физиолошки раствор наместо терапија ќе покаже истрагата, а министерот за здравство и директорката на Клиниката се децидни дека откако тие се на функција нема никакви малверзации со терапијата на пациентите. Што се случувало во периодот пред нивното именување оставаат на Обвинителството и МВР да утврдат и најавија комплетна соработка.
Директорката на Онкологија, Виолета Клисаровска, сменила дел од протоколите, го ограничила пристапот на бројот на лица во клиничката амбуланта каде се чува терапијата и вовела конзилијарен колегиум кој одлучува кој пацент каква терапија ќе добие. Апелираше до пациентите и граѓаните да имаат доверба во тимот на Клиниката.
„Една од безбедносните мерки е и веќе ограничен број на сестри, точно по распоред секој ден се знае. Тој влез веќе е строго ограничен и не е отворен за сите сестри од дневната болница туку само за оние кои секојдневно работат. Се знае секој ден кој доаѓа во допир со нерастворен лек. Сметав дека нема потреба во тој дел да се движат и омние сестри кои не се вклучени во процесот на подготовка. Тој дел е обезбеден. Апелирам до пациентите. Ве молам да разберете. Лековите нормално се разредуваат во физиолошки раствор, но тоа не значи дека некому ќе му се даде без лек терапија или ќе му се преполови доза. Од ноември 2022 година одговорно тврдам дека секој пациент ја добива терапијата без никаква манипулација со лековите“, изјави Клисарова.
Клисарова нагласи дека знае единствено за кражбите на цитостатици кои беа објавени во јавноста и дека на осомничената сестра и дала отказно решение, за разлика од нејзиниот претходник Васев кој ја задржал на работа.
КАТО системот кој е набавен во 2017 година но не се користи, а преку кој прецизно може да се следи патот на терапијата, се чува во просторија на клиниката и во моментов се прават анализи дали да се врати во употреба или да се набави нов.
„КАТО системот не е фрлен. Веќе нолку месеци се прават финансиски анализи дали КАТО системот да се врати во функција или да се обезбеди нов систем за контрола на терапија. Веќе имаме неколку состаноци и со новиот ребаланс на Буџетот е предвидено обезбедување на систем кој долгорочно ќе ги спречи евентуалните злоупотреби во иднина. Утрово одржав состанок со директорите на Онкологија а утре и со стручниот Конзилиум кој одлучува кои пациенти каква и колку терапија ќе примат. Со Конзилиумот се спречува самостојно едностано одлучување за терапија за пациентите. Јас инсистирам на уште построги контролни механизми и ќе барам месечни извештаи од двајцата директори. Терапијата која ја добиваат пациентите е соодветна и ефикасна и молам да не се генерализира и напаѓа целиот персонал на Клиниката“, изјави Меџити.
Министерот Меџити е дециден дека случајот мора да се расчисти и нема да дозволи никакви манипулации и нагласи дека пациентите ја добиваат препишаната терапија. Ги повика сите кои имаат инфoрмации за евентуални злоупотреби да го контактираат министерството или истражните органи.
Од Обвинителството пак соопштија дека се уште се вршат претреси и се прибираат докази, издадени се наредби за вештачење и ќе биде формиран посебен стручен тим.
„Во континуитет се издаваат наредби и се обезбедуваат докази кои треба да ја проверат вистинитоста на наводите изнесени во новинарските истражувања објавени во последните недели. Соодветните наредби за анализа на одземените компјутери и компјутерски податоци при претресите се веќе издадени. Истражните органи вршат распити на сите лица кои имаат сознанија за противправни дејствија. Основното јавно обвинителство Скопје ќе формира тим од стручни лица кои ќе ја анализираат медицинската документација за водење на пациентите и администрирање на терапијата“, велат од ЈО.
Во обвинителството се водат три истраги за кражба на цитостатици од Онкологија и тоа две против медицинската сестра за која од МВР се доставени пријави за кражба во обид и за послужување како и против лице од Дебар за поткуп кое е во судска постапка.
Огнен Чанчаревиќ
