Вести Македонија Најважни

Донацијата на Еуровиа за ДУИ по терк на предметот „Талир“ за белата палата на ВМРО-ДПМНЕ, давале донации додека вршеле јавни работи платени со буџетски пари

„Еуровиа“ која за 1,5 милиони евра без ДДВ ја доби зделката да ја преуреди салата Борис Трајковски за министерскиот состанок на ОБСЕ во ноември и декември, веќе ги паркира своите камиони пред спортското здание и расчистува околу него.

Но, прекршокот не е поврзан со тендерот кој го доби од МНР каде министер е Бујар Османи од ДУИ, туку со донација за партијата. Лани според јавните податоци Елмедин Адеми и неговата „Еуровиа“ донирале на ДУИ 2,5 односно 1,8 милиони денари или вкупно од Желино на партиската сметка во Мала Речица префрлиле околу 70.800 евра (4.354.200 денари).

ДУИ според одредбите на членовите 15 и 20 од Законот за финансирање на политички партии требало да ги отфрлат и вратат тие донации, или ако биле сомнителни да ги уплатат во Буџетот. Во членот 20 стои дека партија не смее да прими донација од:

Приватни претпријатија кои во моментот на давање прилог за политичката партија вршат јавни услуги за државни органи или за јавни установи, претпријатија и фондови по пат на договор, се вели во член 20, став 1, алинеја 6 од законот за финансирање на политички партии.

На листата не е наведен моментот на примањето на донацијата, но „Еуровиа“ во 2022 има повеќе тековни зделки со државата и со општините. Договорот со Тетово и Теута Арифи за изградба на патна сигнализација бил активен до 28-ми октомври лани, додека од 21-ви ноември лани склучиле договор со Универзитетот „Мајка Тереза“.

Значи „Еуровиа“ смеела да даде донација на ДУИ само во тој краток период од 23 дена. Донацијата на „Еуровиа“ за ДУИ според законските членови е слична со донацијата на изградбата на партиската зграда на ВМРО-ДПМНЕ поради што СЈО го отвори предметот „Талир“, а во првостепена пресуда, белата палата беше конфискувана.

Партиите при вакви донации од фирми кои работат на тендери според член 15 од Законот за финанисрање на политички партии мора да ги вратат донациите. Доколку не го сторат тоа, а ДУИ си ги има пријавено како донација на „Еуровиа“, покрај кривичен прогон како за белата палата, следуваат и други казни.

Тогаш овие средства од жиро-сметката на политичките партии се пренесуваат во корист на Буџетот на Република Македонија и се користат за финансирање на хуманитарни активности. Политичките партии кои ќе стекнат и противправно користат средства од изворите од ставот 1 на овој член, како и средства кои нема да ги евидентираат во регистарот на донации, го губат правото на финансирање од Буџетот на Република Македонија за наредната година, се вели во член 20, став и став 3 од законот за финансирање на политички партии.

Но ова не единствениот прекршок доколку се применува Законот за финансирање на политички партии, сопственикот на „Еуровиа“, внукот на поранешниот вицепремиер Адеми, на ДУИ ѝ донирал околу 2,5 милиони денари. Имал право да донира максимум 30 просечни нето плати која лани во ноември изнесуваше малку над 32 илјади денари. Тоа значи дека Адеми, или секое друго лице смеело да донира максимум 390 илјади денари, а тој уплатил на партиската сметка 6 пати повеќе.

Истиот прекршок го има сторено и „Еуровиа“ која како фирма уплатила 2,5 пати поголема донација од законски дозволената од 60 просечни нето-плати. За сите овие прекршоци се предвидени парични казни и суспензии за државните пари за партијата.

Вчера кога МНР реагираше, соопштија дека зделкта за ОБСЕ, „Еуровиа“ ја добила поради најниската цена меѓу четирите конкуренти и согласно Законот за јавни набавки. Немало законски пречки, но од кабинетот на министерот Бујар Османи не соопштија дали донаторот на неговата партија ги прекршил одредбите на Законот за финансирање на политички партии.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Кина им забранува на американските компании да продаваат оружје на Тајван

Дејан Дејан

Извештај: Британските власти го прикривале скандалот со заразена крв

Дејан Дејан

Либан прогласи тридневна жалост поради смртта на Раиси

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе