Пеплосана вегетација, обрач од пламен и трка со времето. Источниот дел на скопската котлина е центарот на пожарникарските акции денес.
Над селото Ајватовци се гасне пожарот со тоа што е на располагање – од летала, до пожарникарски возила, па се до лопати. Се гасне од небо, се гасне и од копно. Силината на пожарот варира според временските услови.
Опасност по селото Ајватовци или други населени места – нема, смируваат надлежните. Чадот се гледа од селото и острата миризба е сеприсутна. Сепак, теренот е далеку и тешка е проодноста. Без проблем стигнуваат само теренските возила на службите.
Над Ајватовци гореше и вчера до доцна во ноќта. Пламенот во шумата беше видлив и далеку од автопатот.
Трите активни краци на пожарот беа ставени под контрола рано наутро, а пожарникарите дежураа на критичните точки, за да спречат повторно ширење на пламенот, во случај на повторно разгорување – што беше случај денес претпладне.
Петар Догов
