Вести Македонија Најважни

Што донесе американската визита за уставните измени: Ескобар се сретна со Ковачевски и Мицкоски

Визита од САД за уставни измени: Ескобар не е дојден за тортура, Ковачевски оптимист, Мицкоски убедува дека е за ЕУ, но и за предвремени избори

Соединетите држави ги сметаат за природни партнери оние кои ја поддржуваат интеграцијата на земјата во Европската Унија, категоричен е заменик помошникот американски државен секретар Габриел Ескобар кој веќе втор ден е во Скопје на средби со државниот врв и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Прашан што ќе му каже на Мицкоски, по коментарите на претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека светот и Европа подготуваат притисоци и тортура за да ги убедат да гласаат за уставните измени, Ескобар со одговор.

-Сакам да кажам дека нема никому да вршам тортура тука. Сакам јасно да посочам дека САД не избира влади за земјите на НАТО, но поставуваме очекувања. И единствената работа за која што ќе зборувам е да ја дадам  истата порака која ја ширам во регионот, дека САД ги гледа како природни партнери оние кои се посветени на европската интеграција, посветени на НАТО и на борбата против корупцијата. Сакам тоа јасно да го посочам. Но, исто така сакам да слушнам, да има многу отворна размена на гледишта, порача американскиот дипломат.

За разговор со Мицкоски, Ескобар одвои точно еден час. Се сретнаа во американската амбасада, каде Мицкоски дојде со потпретседателот на партијата Александар Николовски. По средбата не кажа ништо.

Во партиско соопштение по средбата од ВМРО-ДПМНЕ пишуваат дека на Ескобар му го кажале познатиот партиски став околу уставните измени.

Претседателот Мицкоски потенцираше дека актуелната власт во Македонија за многу внатрешни политички прашања погрешно ја информира меѓународната заедница вклучително и САД. Уште еднаш беше афирмиран ставот на партијата дека суштинската заложба и приоритет на ВМРО-ДПМНЕ е ЕУ и евроатланските вредности. Воедно, претседателот Мицкоски укажа дека единствено решение за излез од една ваква исклучително тешка ситуација, се одржување на предвремени парламентарни избори на кои граѓаните ќе изберат влада со легитимитет, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од Владата стигаат пооптимистички тонови. Премиерот вели дека е рационален оптимист дека уставните измени ќе бидат усвоени и дека работи таа цел да се оствари.

-Нов договор нема да има, ниту ќе има можност за репреговарање на преговарачката рамка, како што некои политичари истакнуваат. Она што ние треба да направиме како политичко лидерство е да обезбедиме непречен процес на зачленување на Северна Македонија во полноправно членство во ЕУ. По членството во НАТО, Северна Македонија треба да стане членка на Европската унија, бидејќи Европската унија е нашата единствена алтернатива и директен интерес на граѓаните и барање на граѓаните, изјави Ковачевски.

Ковачевски ги отфрли обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека владата коленичи пред странски дипломати да вршат притисок врз нив да гласаат за уставните измени. Рече дека посетата на Ескобар е редовна и дека ниту е прва, ниту последна.

Марија Дивитарова

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Стари возила, ниски плати и недостиг на вработени – Одбележан Денот на пожарникарите

Дејан Дејан

Грција засега не размислува да го раскине Договорот од Преспа

Дејан Дејан

Нова измама – Граѓаните добиваат лажни пораки дека им следува паричен надомест од Владата во висина од 100 евра

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе