Вести Македонија

Меџити ќе бара специјализантите да бидат обврзани на една деценија работа во земјава, лекарите побараа услови за да останат лојални

Специјализантите да не бегаат на работа во странство и државата да има придобивки од нивното образование. Министерот за здравство Меџити е јасен во своите намери – лично ќе побара лекарите наместо пет, да бидат обврзани да работат една деценија во Македонија по завршувањето на специјализациите.

Законските прописи сега ги обврзуваат тазе завршените специјализанти на половина од тоа, пет години работа во земјава.

„Законските решенија се тие, таков е законот. Го разгледав ова и навистина истото ми претставува мака уште од почетокот. Мислам дека пет години е малку и лично како министер ќе побарам овој рок малку да биде подолг. Ако сега е пет години тогаш еве нека се зголеми на десет години, да не споменуваме и некои финансиски импликации. И да оставиме лекарите самите да се одлучат“ изјави денес Фатмир Меџити, министер за здравство.

Миграцијата не се спречува вака, туку со вработување на младите лекари, дефиниран кариерен пат, редовна исплата на надоместоци и дежурства.

Од тоа да се почне, а потоа да се бара лојалност од лекарите-специјализанти, порачува доктор Божидар Кочоски од Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари.

„Миграцијата на специјализантите и начинот на кој министерот сака тоа да го спречи мислам дека е погрешно адресирано. Со овој договор нема да се натераат специјализантите да бидат обврзани и да бидат лојални кон институциите во коишто работат. Мора да се создадат други услови за тие да ја возвратат својата лојалност. Редовно да се плаќаат дежурствата, да нема притисоци од страна на раководните лица на установите врз специјализантите“ е ставот на д-р Божидар Кочоски од Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари.

Властите веќе подолг период најавуваат и нови вработувања на лекари, но и повисоки плати.

Од друга страна, лекарите велат – периодот од шест години специјализација само им прави противуслуга на здравствените установи, особено кога имаме недостаток на одредени специјалности и миграција на персоналот.

Петар Догов

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Асанж доби право да се жали против екстрадицијата во САД

Дејан Дејан

Меѓународниот кривичен суд бара налози за апсење на израелскиот прмеиер Нетанјаху и на лидерот на Хамас

Дејан Дејан

Одбележување на 75 години од постоењето на најстариот Универзитет ,,Св. Кирил и Методиј” во Македонија

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе