Вести Најважни Свет

Лидерот на Вагнер, Јевгениј Пригожин загинал во авионска несреќа во Русија?

Јевгениј Пригожин, основачот на воена група Вагнер, се претпоставува дека загинал во авионска несреќа во Русија, објавија светските медиуми. Според првичните информации, Пригожин летал во приватен авион од Москва кон Санкт Петербург, но авионот од засега непознати причини се урнал помалку од половина час по полетувањето.

Во видео чија автентичност е потврдена од западните медиуми се гледа како авионот паѓа од небото и како после падот се крева густ црн чад.

Во авионот, според руските власти имало 10 лица, од кои 7 патници и тројца членови на екипажот. Тој бил во сопственост на компанијата Аутолекс Транспорт, за која американските разузнавачи веруваат дека е поврзана со Пригожин. Федералната агенција за воздушен сообраќај соопшти дека отворила истрага за падот на авионот и потврди дека на листата на патници било и името на Пригожин. Но засега не е сигурно дали тој воопшто и се качил на авионот, затоа што последното видео од него беше објавено вчера и во него тој се обраќа некаде од Африка и порачува дека Вагнер работи да го направи континетот побезбеден.

Податоците на вебстраната Флајтрадар24 покажуваат дека авионот Ембраер Легаси се појавува во близина на Москва и се искачува на речиси 8.800 метри височина, која кратко потоа започнува брзо да опаѓа се додека не стигне до нула, и авионот исчезнува од мапата. Пристапот до податоците за движењето на авионот веќе не се целосно достапни на вебстраната, но од тоа што можеше да се види, тој изминативе месеци повеќе пати сообраќал на релација Москва – Санк Петербург.

Според руската државна новинска агенција РИА новости веќе се откриени осум тела од остатоците на авионот.

Каналот „Grey zone“ на социјалната мрежа Телеграм, кој се поврзува со Вагнер, обвини дека авионот во кој бил Пригожин бил соборен од руската противвоздушна одбрана во Тверската област северно од Москва, и тврди дека локални жители слушнале две експлозии, но овие тврдења не можат да бидат потврдени. На останатите канали на социјалните мрежи кои се поврзуваат со Пригожин и Вагнер нема ништо објавено за лидерот на групата и неговата судбина.

Пригожин, поранешен угостител кој стана близок соработник на Путин, со својата воена група Вагнер учествуваше во „специјалната воена операција“ во Украина од самиот почеток. Но како што се разжестуваа борбите и загубите се зголемуваа, почнаа да се појавуваат и првите несогласувања меѓу режимот во Кремљ и Пригожин, кој ги обвинуваше министерот за одбрана Шојгу и шефот на Генералштабот Валери Герасимов дека ја саботираат неговата група неиспорачувајќи ѝ ги потребните воени залихи.

Несогласувањата кулуминираа со маршот на Москва од страна на борците на Вагнер, кој траеше само 24 часа и беше протолкуван како обид за пуч. Путин тогаш постапките на Пригожин и Вагнер ги оцени како предавство, пред да соопшти дека бил постигнат договор чии детали никогаш не беа објавени. Вагнер започна да се повлекува од Украина во Белорусија, каде што и самиот Пригожин неколку пати се појави, но кратко потоа започна повторно да патува и во Русија иако наводно имаше налог за негово апсење.

Игор Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Нови битки за Преспа: СИРИЗА со осуда за изјавите на Мицкоски, но и со нотирање одговорност за Мицотакис

Дејан Дејан

Дали ќе се раскинува договорот со “Бехтел&Енка” за над милијарда евра вредните коридори?

Дејан Дејан

Милијардата ќе биде европска, но не унгарска, објаснува Мицкоски

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе