Вести Македонија Најважни

Игнорирани симболите на државата, санкции за организаторите – не стивнуваат реакциите по посетата на Курти во Тетово

Не стивнуваат реакциите по посетата на косовскиот премиер, Албин Курти, кога на концертот во Тетово, се вееше знаме со карта на „Голема Албанија“, а присуствуваше и на преименување на улицата Втора македонска ударна бригада во Адем Демаќи во скопски Чаир.

Одговорност и казни затоа што не се почитувал законските одредби во однос на употребата на државното знаме и химна побара претседателот на државата, Стево Пендаровски. Тој смета дека истакнувањето на провокативна националистичка иконографија што промовира великодржавни шовинистички идеи претставува разгорување на етничка омраза и нетрпеливост.

Организаторите на јавните собири во Тетово и во Чаир мора да бидат законски санкционирани за кршењето на законските одредби во однос на употребата на државното знаме и химна и знамињата и симболите на заедниците, со целосно игнорирање на симболите на државата. Во таа насока ги повикувам надлежните органи во најкус можен рок да ги завршат пропишаните постапки, Стево Пендаровски, претседател на РСМ

Според Пендаровски и начинот на реализација на идејата за преименувањето на улицата во општината Чаир е во спротивност со принципот на демократска дебата и почитување на историското наследство на сите заедници во државата, тој очекува надлежните инспекциски служби да го проверат случајот.

И српскиот претседател Александар Вучиќ гостувајќи денеска на ТВ Пинк го настапот и изјавите на Курти ги оцени како скандалозни и обид да се крева „духови на немир“, јави дописникот на МИА од Белград.

Имате обид на Курти да крева духови на немир, не само во Севрна Македонија, туку и на југот на Србија и сето тоа со премолчана подршка на меѓународната заедница. Тоа што се случи во Северна Македонија е скандал над скандалите. Таму беше промовирана идејата за „голема Албанија“, беа истакнати нејзините симболи, а Курти беше претставен како премиер на сите Албанци меѓу другото. изјава на Александар Вучиќ на ТВ Пинк

Вчера и од Кабинетот на премиерот Димитар Ковачевски коментираа дека се работи за приватна посета на која Владата не била организатор, но и дека се бара истакнувачот на знамето на „Голема Албанија“ во Тетово и дека премиерот не се согласува со преименување на улицата во Чаир.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски одговарајќи на новинарско прашање, истакна дека власта не може да се амнестира од случувањата во Скопје и Тетово, а глумењето „државништво“ отпосле е срамен чин.

„Секогаш кога на виделина испливуваат предавствата и подаништвото на СДС во коишто ја втурнаа Македонија, се вадат со терминологија „приватна посета“. За потсетување, “приватна посета” беше и престојот на Јотова и цел бугарски државен врв во Битола за  отворањето на Бугарскиот клуб. Се сокрија и СДС и Бујар. Истото се случува и сега. Разликата е во тоа што глумење „државништво“ отпосле е срамен чин.  СДС гласале за промена на улици, СДС обезбедиле полициски редари и кордони за Курти, СДС и нивниот посакуван кандидат за претседател Оливер Спасовски повторно ја доведоа Македонија на колена!“,  Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНE

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија преку соопштение го повика лидерот на ВМРО ДПМНЕ да одговори околу настаните во Скопје и Тетово, затоа што биле организирани од нивните неформални коалициски партнери.

Касами стана градоначалник со поддршката и гласовите на ДПМНЕ, а нивната заедничка соработка продолжува и во Советот, во Собранието но и за други теми. Заедно со Мицкоски се здружија да прават ново парламентарно мнозинство и нова влада, кое не им успеа. Мицкоски го предлагаше Африм Гаши за нов мандатар на Владата, а сега ДПМНЕ наводно е згрозена од неговото дејствување. ДПМНЕ, како наследник на соработникот на фашизмот Ванчо Михајлов, нема кредибилитет да зборува ниту за историјата, ниту за сегашноста, а најмалку за иднината на државата, велат од СДСМ

За време на неофицијалната посета на земјава, во петокот, косовскиот премиер, Албин Курти, беше придружуван од лидерите на опозициските партии во албанскиот блок. Дали активностите, билбордите и концертот за „негово добредојде“ беа финансирани со приватни или општински пари, до овој момент немаме одговори.

 

Данијела Билбилоска

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ВИДЕО: Невреме во Струга

Дејан Дејан

Обид за физички напад врз претседателката на Уставниот Суд

Дејан Дејан

Крени глас: Со позитивна енергија против врсничкото насилство

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе