Вести Македонија Најважни

(видео) Влегува во хеморагична фаза – болничарката од Инфективна со конго-кримска треска добила први крварења

Болничарката со конго-кримска хеморагична треска ја прими првата доза на „рибавирин“, информираа денеска од Инфективната клиника. Започната е терапијата која ќе се дава и во наредните четири дена. Ноќеска кај неа се забележани први крварења, но е стабилна, појасни директорката на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, Милена Стевановиќ.

„Што се однесува на нашата колешка вработена на Клиниката за инфективни болести, таа е стабилна. Влегува во фазата во која се очекува појава на крварење, таканаречена хеморагична фаза. Ноќеска за првпат е забележано лесно, но, е забележано крварење кое се гледа само на избришок од хартија, не е тоа нешто масовно. Меѓутоа, тоа е веќе еден знак за кој треба да видиме под сериозен алерт. Ние пациентката ја гледаме под лупа како со анализите, така и со клиничкото следење. Денешниот конзилиум на колегите на Инфективната клиника е одлучено и проценето дека веќе денеска треба да почнеме со лекот „рибавирин“ кој е донесен во нашата држава. Како ќе се развиваат работите, дали требало порано – не ни требало порано. Се држиме до искуството на оние кои имале највеќе прегледани и лекувани пациенти во светот, не само во регионот, не само на локално ниво – во светот. И сметаме дека сме на добар пат и правиме исправно со секој преземен чекор во смисла на лекувањето на пациентката“, појасни Стевановиќ.

Во комуникација со колеги инфектолози во целиот регион веднаш по првата информација дека имаме инфекција на конго-кримска хеморагична треска, барале консултации, барале искуства и барале лек.

„За жал, првата пациентка од штипското село беше дијагностицирана и почината во неколку часа. Значи, не можела да биде спасена дури и да имаше лек до нас. Второто прашање, многу значајно за сите, многу често го слушам, е зошто нашата држава го немала овој лек и зошто купуваме лекови или наоѓаме лекови откога ќе се случат работите. Ова можете да го потврдите и како информација во секоја една од поголемите здравствени организации. Ниту една држава нема ваков тип на лек во залиха. Ниту една. Лекарите, организациите кои работат во решавањето на овие големи или помали епидемии на конго-кримска и други хеморагични трески во ендемските подрачја ги имаат и на ваков начин помагаат кога ќе се јават спорадични случаи како што е нашиот“, појасни директорката Милена Стевановиќ.

Прашана дали може да настанат компликации од овој лек, таа одговори дека станува збор за несакани ефекти. Вели дека би можело да има и несакани ефекти и заради тоа во конзилијарното делување во лекувањето на пациентката во континуитет е вклучен и трансфузиолог и хематолог.

Претседателот на Комисијата за заразни болести Злате Мехмедовиќ вели дека Комисијата стои зад сето она што е направено од Институтот за јавно здравје, мерките што се преземаат и препораките што се даваат, нагласи тој.

„Не треба да се крева паника во однос на новата состојба со конго-кримска хеморагична треска“, подвлече тој и додаде дека не очекуваат да има повеќе случаи во блиска иднина.

Oд она што го виделе, како што истакна, првиот случај е случај на директно заразување, а вториот е веројатно на пренесување преку контаминирана крв.

Во првиот случај со директно заразување, почина 27-годишна пациентка, по инфекција со каснување од крлеж.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Силјановска: По политичкиот земјотрес на 24 април, очекувам политички вулкан на 8 мај

Дејан Дејан

Герасимовски: Дебар Маало го прослави роденденот на најпознатиот центарец Горан Стефановски

Дејан Дејан

Ахмети: Куќа не се одржува со кредити, ние си обезбедуваме леб со работа, тие што така мислат го видоа резултатот на 24 април

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе